Љубов, години и предрасуди
Тој е шармантен педесетгодишник. Жената на неговиот живот (трета по ред) едвај полнолетна, по англосаксонските закони.. велите – ништо чудно...
...такви врски отсекогаш постоеле.
И додека тој, секако, со својот избор не ја шокира околината (мажите му завидуваат, а жените одеднаш го забележуваат неговиот дотогаш незабележан шарм, мажавност, стабилност...) за неа сите, без разлика, ќе речат дека е кукличка која е привлечена од парите на банкарските сметки.
Всушност, разликата е само во процената на коефициентот на интелигенција – или „супер изгледа, но е невидено глупава“ или „паметна малечка која знае од што се живее“.
Дали некој воопшто помислува на љубов?
Сепак тој ќе тврди дека нејзиниот млад дух, невиност и нерасипаност е тоа што го привлекува, тоа што го буди и прави да се чувствува толку жив. Таа со неговото искуство и зрелост прв пат ќе сфати што значи да се биде жена.
Добро, но сите вообичаени предрасуди кои што ги следат овие парови имаат до некаде оправдувања во реалноста.
Девојките секогаш изгледаат како врвни топ - модели, а гламурот и свежината на младоста не се доволни за да привлечат двојно постар маж.
Од друга страна, дали сте чуле за 25 – годишна девојка која е заљубена во признат научник кој е постојано занесен и секогаш во сако сошиено пред таа да биде родена?
А што е со малку поинаквите комбинации? Жена среќно заљубена во многу помлад маж, сè уште предизвикува премолчена (и дали само премолчена) осуда на друштвото.
Таквите „испади“ дозволени им се само на дамите од светскиот џет сет. И предрасудите се во склад со новите улоги – поинакви се.
Таа во врската бара само добра забава во спалната соба, додека нему му треба некој кој би му ги решил финансиските проблеми.
Но, младите момци не се оптеретени со сето она што го носат годините со себе (лоши избори, кариери кои се движат по надолна линија, алиментации). Живеат во сегашноста, тековните проблеми ги решаваат во од, без премногу анализи, тактизирање и мудрување – се забавуваат. Едноставно тие можат сè и подготвени се на сè.
Од друга страна, извесните години на жената носат сигурност и самодоверба, која ја немаат младите девојки. Сè им е јасно, знаат што сакаат и како до тоа да дојдат без премногу колебање.
Но добро, дали познавате некој шармантен триесетгодишник без обврски кого би можела да го запознам со мојата тетка? Навистина бабичката има 70 години и се зборува дека има некои девизни сметки во странство....Верувам дека на жената и е досадно во старскиот дом, ете така.
Како и да е на крајот од краиштата сепак стигнавме до материјалниот статус и физичката привлечност. И едното и другото можат да бидат значајни во почетокот од врската.
По почетната фаза на запознавање, важни ни се интелигенцијата, духовноста, лојалноста, инспиративната комуникација, разбирањето....а годините со тоа немаат ама баш никаква врска.
Кој е вашиот став? Ги оправдувате ли врските со голема разлика во годините? Љубов ли е тоа, или само интерес?