Бакнежот никогаш не лаже
Спонатни, страсни, извештачени, куртоазни, помирливи, невини, еротски, рамнодушни...Колку луѓе, толку и бакнежи. Има и такви, „во празно“...
...со гласно „цмок“, кога нечии усни ќе се приближат до вашиот образ, но нема да го допрат...
Безброј видови и секој бакнеж може да се анализира за да се дознае нешто повеќе за личноста што ве бакнува, за тоа што сака и какви карактерни особини има.
Така, се верува дека сте страствени ако при бакнување ја навалувате главата на десно, а доколку ја навалувате на лево, вие сте срамежлива личност.
Дали знаете дека ќе живеете подолго ако секое утро ја бакнете саканата личност и дека оние што почесто се бакнуваат се поздрави, поуспешни, посреќни? Доколку верувате дека тоа не е шега, поточно дека во секоја шега има половина вистина, јасно е дека врз основа на бакнежот можете да процените за каква личност станува збор.
Познати се и лековитите својства на бакнежот: научниците тврдат дека бакнувањето е добро за здравјето, но и дека позитивно делува на нашата способност да се соочиме со животните предизвици и проблеми. Бакнувањето нè прави посилни и посигурни во постапките. Тоа понатаму значи дека оние кои во текот на денот почесто се бакнуваат со саканата личност, никогаш не одат на боледување, остваруваат поголем личен доход и ретко доживуваат сообраќајни несреќи.
И додека скептиците се прашуваат која е целта за ваквите истражувања и се сомневаат во вистинитоста на ваквите тврдења, романтичарите тврдат дека е апсурдно да се теоретизира за еден ваков ирационален чин како што е бакнежот.
Доколку сакате да откриете дали има вистина во овие тврдења, прашајте ги заљубените како се чувствуваат кога ќе се бакнат и веднаш сè ќе ви биде појасно.