Зошто сакам да бидам сингл: „Моите пари и време се само мои“
Некои луѓе не брзаат да започнат врска и сакаат да го запознаат вистинскиот, некои уживаат во нивната слобода, а некои имале лоши искуства со бившите, па не сакаат повторно да се впуштат во нешто слично.
Ако сте во врска со партнер кој ве сака, ве цени и ве почитува, партнер со кого имате разбирање и знаете како да ги решите проблемите, нормално дека повеќе ќе ви годи заедничкиот живот. Но, нема ништо лошо и во одлуката да бидете сингл, без разлика дали краток или подолг период од животот.
Некогаш, луѓето кои навистина сакаат да бидат сингл се неразбрани, па дури и осудувани од другите, па веројатно затоа еден Reddit корисник им го поставил прашањето: Зошто ви е мило што сте сингл?
Досега, на прашањето одговориле над 13.000 корисници, а нивните одговори ја покажуваат позитивната страна на животот без партнер:
„Додека бев со поранешното момче, секој ден брзав да стигнам дома порано. Ако доцнев и само пет минути, морав да се објаснувам. Дури и кога си одев навреме, тој сепак беше намуртен. Сега можам цел ден да го поминам како што сакам, без да морам да се правдам“.
„Уживам во самотијата. Имам само еден пријател, кој го гледам преку една недела, и тоа е доволно социјализирање за мене“.
„Искрено, тоа што сум сингл ми помогна да се фокусирам на факултетот – дипломирав минатата недела“.
„Можам да правам што сакам и кога сакам. Можам да останувам буден до доцна. Ако сакам да гледам филм – гледам филм. Ако сакам да слушам музика – слушам музика. Самиот одлучувам како ќе го минувам времето. Самиот одлучувам како ќе ги трошам моите пари. Дали сум осамен? Искрено, понекогаш да. Но, имам добри пријатели и ако ми се излегува, им се јавувам нив“.
„Со бившиот се подготвувавме за венчавка, но раскинавме бидејќи тој и неговото семејство не ме почитуваа. Имав заштедено малку пари за венчавката, па сега можам да ги потрошам на работи што отсекогаш сум ги сакала. Исто така, конечно се грижам за мене и учам каква личност сум“.
„Наречете ме себична личност, но сакам што имам слобода да си легнувам и да се будам кога сакам, да го декорирам домот како што сакам, да си правам планови што ми одговараат мене. Ми се допаѓа што можам да читам и да гледам што сакам, да готвам и да јадам што сакам и тоа што можам да си поставувам цели без да се грижам што ќе мисли некој друг“.
„Најмногу ми се допаѓа тоа што кога ќе си дојдам дома, знам дека ќе биде мирно. Го сакам мирот и тоа што целиот дом е само мој. Истовремено, ги мразам обврските што доаѓаат со романтичните врски. Не сакам да присуствувам на настани што мене не ми значат ништо или да купувам подароци за свекор, свекрва… Едноставно, себична сум“.
„Најмногу ми се допаѓа тоа што мојот стан е чист и уреден како што јас сакам“.
„Сингл сум поголемиот дел од животот и навистина ми е тешко да живеам со партнер. Имав момче кое ’рчеше навечер и воопшто не можев да спијам. Не ми се допаѓаше кога си имав свои планови, а поради него морав да правам нешто сосема друго. Не значи дека преферирам да бидам сингл, но сакам да живеам сама“.