Оној кој е параноичен и те обвинува за неверство, најчесто самиот изневерува
Партнерот кој не ти верува доволно, постојано е сомничав и опседнат со тоа како му правиш нешто зад грб кога нема реална причина за тоа, најчесто самиот ги прави работите за кои те обвинува.
Правејќи ти грижа на совест, со вешта манипулација, тој се обидува да се претстави себеси како жртвата, а другата половина како злосторникот. Кога вистината е поинаква. Тој е злосторникот, а ти си жртвата, која предоцна ги сфаќа работите.
На ваквите несигурни, но опасно манипулативни луѓе никогаш, ништо не им е доволно. Можете да се затворите дома, да им се посветите 24/7, да им се заколнете на вечна љубов, па дури и да се залепите до нив – тие повторно ќе најдат причина за кавга и незадоволство. Затоа што самите се несигурни во себеси, ваквите несигурности ги проектираат врз партнерот.
Па така другиот е „лошиот“. Другиот лаже, другиот манипулира, другиот тајно изневерува и другиот ќе ги остави. Тие се безгрешни. Тие се најдобри, тие немаат маани. Вината е постојано во другиот. Сомнежот ги јаде како црвец и најчесто го оправдуваат своето незрело однесување со својата „интуиција“.
Реалноста е дека треба да му верувате на партнерот. Треба да имате добра комуникација и доволно самодоверба во себе. Во моментот кога некој ќе започне да ве обвинува за неверство, а знаете дека не сте сториле ништо, знајте го ова: тој е личноста што изневерува.
Партнерката што ве обвинува дека премногу зјапате во други жени најчесто и самата се загледува во други луѓе. Само што не е доволно доблесна да го признае тоа, и сака да се чувствувате лошо само вие.
Имаме слобода да избереме со кого сакаме да го поминеме времето. А тоа е драгоцено. Тече, без да се враќа назад. Животот е толку краток, би рекла прекраток да се помине со несигурна личност која ја поткопува вашата среќа. Наместо трауми и секојдневни докажувања и оправдувања некому, одберете мир и среќа. Најдете некој што ќе ви верува, и ќе му верувате, затоа што секој добар човек го заслужува тоа.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни припаѓаат на авторот и зад истите лични мислења не стои целата редакција на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобелo