Токсичните партнери имаат една цел - да ве контролираат: Kако да ги препознаете?
Ви прави љубоморни сцени, не му се допаѓаат вашите пријатели и колеги, драматизира ако побарате време за себе - научете да правите разлика помеѓу токсични луѓе и грижливи партнери.
Многупати луѓето ослепени од љубов не обрнуваат внимание на разликата помеѓу токсичност и претерана грижливост, па запаѓаат во замка на партнерите кои само сакаат да ги контролираат.
Не смеете да си дозволите некој да ви го гуши животот, бидејќи овие луѓе колку и да сакате да ги гледате како грижливи, всушност само сакаат да ве контролираат и никогаш нема да се променат.
Како да препознаете дека сте во врска со токсичен партнер и на што треба да обрнете внимание:
1. Постојано ви прави љубоморни испади. Љубоморен е на тоа каде сте, што правите и со кого, не му се допаѓаат вашите пријатели и колеги, ниту кој било друг со кого контактирате. Не, не се грижи за вас, туку не сака да имате други луѓе околу себе.
2. Не ви верува речиси никогаш. Речиси секогаш ве испрашува и преиспитува за што и да кажете, а некогаш дури и ве тестира за да ја провери вашата искреност и дали ќе се фатите во лага.
3. Секогаш прави сцена ако не направите нешто како што сака. Ве тортурира со своите барања и желби и сака или да биде по негово/нејзино или никако. Не ви дозволува да имате свој став и мислење дури и за најобични работи.
4. Не може да одолее на претурање и проверка на ваши работи. Ви го контролира животот до степен што не може да престане да ви ја проверува чантата, телефонот и на секој начин ви ја нарушува приватноста.
5. Ви ги критикува мислењата и изборите. Никогаш ништо не му чини и ништо од вас не му е доволно, ниту пак ви е поддршка кога ви е потребно некој да ве турне за ваш личен развој.
6. Ретко ви дозволува да уживате во времето поминато сами. Кога и да посакате да си посветите време на себе ви го нарушува ова право, а доколку се побуните, прави драма бидејќи не сакате да бидете заедно. Гледањето со пријателите пак, речиси секогаш ви е нарушено со стотици повици или ненадејно појавување.
7. Ве обвинува за да добие што сака. Често се случува да игра со вас на картата „виновник“, прави самите да се почувствувате лошо и виновно и со манипулација предизвикува да си го смените мислењето, да го сожалите и да го добие она што го сака.
М. М. | Црнобело