После 10 години брак и 2 деца само ми рече: „Не те сакам повеќе!“
Како изгледа почетокот на крајот…
Никогаш не сум верувала во љубов од бајките, принцот на белиот коњ… Изгледа дека не сум тој тип на романтична личност. Кога го запознав, верував дека и тој е реалист како мене, дека ме гледа мене онаква каква што сум, дека ме сака, без некоја скриена цел.
Десетте години брак летнаа во раѓањето и воспитувањето на двете деца. Работа, дом, обврски. Бракот мирен и за мене повеќе од задоволителен. Без караници, се познаваме, се разбираме…
Барем така мислев.
Еден ден се вратив од работа, а тој седи замислен. Честопати ги има тие „свои моменти“ па и не обраќам многу внимание на тоа додека децата не заспијат.
Гледам дека таквото расположение не му поминува и го прашувам попатно: Што се случува? Дали си добро?
Тој се исправи, трепна и сосема сериозно без никаков вовед ми кажа: „јас не те сакам повеќе“.
Прво кратко се насмеав, веројатно одбранбен механизам, а потоа се наежив.
Како да ме удри гром. Главата чинам ќе ми експлодираше, телото ми се тресеше… го гледам, а сликата ми заматува пред очите. Тој е сериозен, седи и молчи.
„Дали имаш некоја?“ – прашувам како од пушка.
„Немам“, ми кажува мирно.
„Не ти верувам“ – викам неконтролирано.
Тој и понатаму седи и само молчи. Ме боли тоа што не чувствува потреба дури ниту да ми објасни. Ни да се одбрани, ни да го брани нашиот брак, десет години!
Молчи…
„Што ќе правиме сега?“, прашувам скршено, а со еден дел од мозокот, со сите сили се надевам дека ова е сон, дека тој се шегува, дека во прашање е што било друго, освен ова што ми се случува…
„Не знам… ќе се иселам, или ти или јас“ кажува и понатаму мирно, скршено, сериозно.
„Што ти се случува? Мора да имаш некоја? Мора да си вљубен? Која е таа, кажи ми?!“
Тој молчи.
Ова ми паѓа уште потешко отколку кога ми кажа дека не ме сака. Чекам, а тој ништо. Не можам од него да извлечам ниту една реченица.
Молчењето трае некое време, а потоа тој почнува да зборува:
„Се обидував да се сетам зошто те сакам, но не можам. Не постои друга жена. Едноставно, љубовта исчезна. Знам дека имаме деца и сето тоа, но кон тебе не чувствувам ништо. Не можам да живеам со тоа. Едноставно не можам повеќе да се будам покрај тебе“, зборува некако свечено, тивко.
Секој збор за мене е нов шок! Кој е овој човек? Дали е ова реално? Што се случува?
Никогаш не сум се сметала за фатална жена, но за моите години изгледам пристојно. Не гледам во други мажи, па и не забележувам дали некој ме загледува мене. Но, кога ќе се погледнам во огледало ми личи дека „добро се држам“.
Што се однесува до нашата врска, романтиката никогаш не ни била силна страна. Уживав во реалноста на нашата заедница. Бракот и децата и таа стабилност за мене беа сè. Ми значеше сигурноста.
Сега тоа започна да пука, да се руши, а јас немам ништо на кое би се потпрела, за да нè зачувам нас, за да преживееме.
Поминаа неколку дена како низ магла. Да им се објасни на децата, па и на родителите, дека ние двајца повеќе не сме заедно.
„Зошто?“ стана најтешкото прашање со коешто луѓето ме бомбардираа. Одлучив да се иселам со децата. Куќата му ја оставив нему. Ми беше полесно да започнам одново, од почеток.
Изнајмивме стан во близина на основното училиште и започнавме некаков живот. Мене сето тоа ми личеше на некаков сон. На кошмар.
Од ден на ден очекував да слушнам некоја приказна за него и „таму некоја жена“, но попусто. Тој живееше сам, одеше на работа и си продолжи со својата вообичаена рутина.
Помина една година откако се случи сето тоа, неговото „големо признание“, а мене и ден денес ќе ми беше полесно да слушнам од него дека имал некоја, дека се вљубил, дека имал каква било причина да престане да ме сака. Но, тоа не се случи никогаш…