Што е љубовта според познатите мислители и филозофи?
Писателите од областа на науката, психотерапијата, литературата, религијата и филозофијата ја откриваат нивната дефиниција за љубов.
„Што е љубов?“ - минатата година, овие зборови биле едни од најпребаруваните на Google.
Во обид да се одговори на ова едноставно, а сепак комплексно прашање, ви ги претставуваме зборовите на неколку мислители:
Физичарот Џим Ал-Калили: „Љубовта е хемија“
Биолошки гледано, љубовта е моќна невролошка состојба, како глад или жед, само што е потрајна. Зборуваме за слепа и безусловна љубов, над која навистина немаме никаква контрола.
Љубовта во основа е хемија, додека страста е сексуалната желба која повлекува цела низа хемиски реакции во мозокот - феромони, допамин, серотонин, окситоцин …
Од еволутивна перспектива, љубовта може да се смета како алатка за опстанок на човечкиот вид што ни помага да одржуваме долгорочни односи и да воспитуваме деца.
Психотерапевтот Филипа Пери: „Љубовта доаѓа во многу форми“
За разлика од нас, луѓето во минатото немале едно име за неколку емоции. Денес сите работи ги нарекуваме љубов, а порано секоја емоција имала свое име. На пример, ерос - кога станува збор за сексуална љубов или агапе - кога станува збор за најчиста форма на љубов.
Сето ова е на некој начин љубов, но невозможно е да се очекува дека сите можни форми на љубов ќе ги исполни само една личност. Затоа имаме семејства - за емотивно да се надополнуваме.
Филозофот Џулијан Багини: „Љубовта е страсна обврска“
Невозможно е да се одговори на прашањето што е љубов, затоа што љубовта не е една работа. Постои љубов кон родителите, партнерите, децата, земјата, соседите, Бог. Сите овие љубови имаат различни квалитети, а секоја има свои варијанти - слепа, еднострана, трагична, упорна, возвратена, заведена, безусловна.
Но, во најдобар случај, љубовта е наша одлука, односно нашата страсна посветеност кон врската што ја негуваме и ја развиваме. Затоа љубовта е многу повеќе од чувството. Љубовта е страсна обврска.
Ашера | Црнобело