Емоционално предавство - Како да го разбереме и како да се справиме?
Кога се прекинува пријателството, љубовната врска или бракот, а двете страни не можат меѓусебно да се договорат, чувствуваме болка за која сметаме дека никогаш нема да помине.
Се чувствуваме предадено и ранливо, а понекогаш не ни е јасно што се случило.
Иако прекинувањето на секоја емотивна врска е тешко, се чини дека најтешко ја прифаќаме разделбата со романтичен партнер. Поради ваквите раскинувања може да ни се чини дека целиот свет пропаднал, како и иднината што сме ја планирале со таа личност.
Со други зборови, луѓето имаат тенденција да го гледаат пропаѓањето на бракот или врската како катастрофа. Но, за да можат полесно да ја разберат врската, треба да направат разлика помеѓу зависни, независни и меѓусебно зависни односи.
Кај зависниот однос, едната страна е делумно или целосно зависна од другата. Ова обично се случува кога некој смета дека не е доволно добар, а во другата личност бара нешто што ќе го исполни и ќе му даде „значење“.
Независните односи се сметаат за позрел тип на односи, во кои едната страна има целосна независност од другата. Таквиот однос го сочинуваат лица кои имаат сопствен животен пат и цел, и се независни еден од друг.
Сепак, ова може да се развие до тој степен, што може да стане и проблем. Поради нивната прекумерна независност, таквите луѓе честопати мислат дека никој не им е потребен.
Врската кон која треба да се стремиме е онаа со т.н. меѓусебно-зависен однос, во кој двајца луѓе имаат разбирање еден за друг. Таквиот степен на поврзаност може да се постигне само кога ќе се прифатиме себеси.
Дали постои безболно раскинување?
Треба да се прифати дека раскинувањата се секогаш непријатни и болни. Честопати, луѓето раскинуваат и покрај љубовта, која понекогаш не е доволна за да создаде задоволувачки, стабилен и траен однос.
Кога сме емотивно зрели, процесот на тагата во просек трае четири до шест недели. Нејзината цел, пак, е да нè подготви за новата реалност.
Кога конечно ќе се одделиме од другата личност, тогаш се менува и нашиот однос кон неа.
Иако сè уште се сеќаваме на сè, не реагираме со силни емоции, дури ни кога ќе ги сретнеме случајно на улица. Тогаш можеме да кажеме дека сме ја надминале болката, со што стануваме емоционално ослободени и подготвени да се поврземе со некој друг.
Ашера | Црнобело