85 години заедно, 80 години во брак – Која е тајната на најстариот брачен пар?
Како и секој пар, и Џон и Шарлот се запознале поради сплет на околности. Едноставно, тие се запишале на ист факултет, слушале исти предавања и седеле еден зад друг.
Во 1934-та тие имале заедничко предавање по зоологија, а тогаш Џон имал 21, а Шарлот 20 години.
Денес тие имаат 105 и 106 години и на 22-ти декември ќе ја прослават 80-тата годишнина од нивниот брак.
Нивната врска е во Гинисовата книга на рекорди
Гинисовата книга на рекорди ги прогласи Џон и Шарлот за најстариот жив брачен пар. Па, сигурно ве интересира која е тајната за нивната долговечност, но и како издржале 80 години заедно.
И двајцата велат дека нема некоја голема тајна. Едноставно, треба да бидете сигурни кога ќе одлучите да бидете со некоја личност, а потоа да си се држите до одлуката.
Наводно, на Шарлот ѝ биле потребни 5 години да се одлучи да стапи во брак, иако во тој период ова било невообичаено.
Причината била што нивната врска цутела за време на Големата депресија. Па, и двајцата сакале да заштедат некој денар пред да го започнат заедничкиот живот.
Тогаш Шарлот работела како наставничка, а Џон бил фудбалски и кошаркарски тренер.
Скромна церемонија за еден од најдолгите бракови
Кога конечно се одлучиле дека сакаат да се венчаат, тие направиле навистина мала церемонија. Венчавката се одржала на 22-ри декември 1939-та, а имале покането само двајца гости.
Медениот месец го поминале во Сан Антонио, во хотел за кој платиле 7 долари од вечер.
Џон и Шарлот се заедно 85 години, но во брак се „само“ 80.
Претходно, рекордот за најдолг брак им припаѓаше на Землира и Херберт Фишер, кои биле во брак 86 години и 290 дена. За жал, во 2011-та, Херберт почина, па сега титулата им припаѓа на Џон и Шарлот.
Тајната за нивната долговечност
Додека биле заедно, Џон и Шарлот патувале и биле сведоци на секакви историски и технолошки развои. Но наводно, ова не е тајната за нивната долговечност.
„Тајната за долг живот е во умереноста“, велат и двајцата.
Тие се хранат здраво и не пијат многу алкохол. Џон е сè уште физички активен и речиси секој ден оди во теретана.
Освен малите проблеми со слухот, изгледа дека и двајцата се со одлично здравје.
Џон и Шарлот немаат деца, а на шега велат дека можеби и тоа е причината за нивната долговечност.
Интересно е што после 80 години брак, Џон и Шарлот не се расправаат.
Тие велат дека ако сакате мир и хармонија во вашите златни години, треба да намалите со расправите во младоста. За да го постигнат ова, тие никогаш не си легнувале пред да решат некој проблем.
Наместо да му дозволат на проблемот да расте, тие веднаш се справувале со него. Секогаш биле отворени и искрени, а сметаат дека комуникацијата е најважното нешто во врската.
Кога ќе земете предвид дека Џон и Шарлот преживеале неколку децении заедно, изгледа треба да го послушаме нивниот совет.
Спирова С. | Црнобело