Знаци дека сè уште не е време да имате заеднички буџет со партнерот
Секоја врска има неколку важни фази – од првиот бакнеж и првото „Те сакам“, па сѐ до слободата да ја оставате вратата од тоалетот отворена.
Друга важна фаза од врската е кога почнувате да ги делите парите со партнерот.
Бидејќи финансиите се важен дел од животот, треба внимателно да го распределите вашиот буџет и да се договорите за вашите навики за трошење.
Но понекогаш, без разлика колку е среќна вашата врска, можеби не е време да го преземете овој чекор.
Делењето на парите со партнерот е многу повеќе од заедничко плаќање на сметка во ресторан. Секој има своја финансиска историја, па важно е да ја знаете историјата на партнерот.
Па пред да се одлучите на овој чекор, обрнете внимание на следниве предупредувачки знаци:
Партнерот е таинствен за неговиот долг
Кога ги делите парите со некого, најверојатно ќе ги делите и долговите. Па, ако партнерот досега ви нема кажано колкав е неговиот долг, сега е време да го направи тоа.
Доколку партнерот одбива да разговара за тоа, тогаш бидете внимателни.
Причината е што неговиот долг ќе има влијание и врз вас и можеби ќе треба да се воздржите од купување на некои работи.
Ова не значи дека не треба да ги делите парите доколку некој од вас има долг. Важно е отворено да разговарате на оваа тема и да најдете заедничко решение.
Партнерот троши повеќе пари отколку што заработува
Доколку партнерот постојано троши пари, и тоа пари што ги нема, ова е предупредувачки знак.
Овие навики за трошење не ви се од корист, па ако ги делите парите, можете и вие да „заглавите“.
Разговарајте со партнерот за неговите навики за трошење, замолете го да се однесува поодговорно со парите, па дури тогаш размислувајте за нивно делење.
Партнерот покрива трошоци на некој друг
Од една страна, навистина е добро што вашиот партнер сака да помогне некому. Но, ако нема доволно средства, а сепак сака да покрива туѓи трошоци, тоа може да претставува проблем.
Личноста што сака да донира, но нема средства, не би требало да донира. Се разбира, секоја ситуација е различна и ако партнерот ги покрива трошоците за неговите болни родители и слично, обидете се да го разберете.
Сепак, доколку не сте подготвени и вие да покривате нечии трошоци, можеби не е време да ги делите парите.
Партнерот е моментално невработен
Ако партнерот остане без работа, нормално дека ќе сакате да му помогнете. Но, ова не значи дека морате да ги делите вашите пари.
Ако партнерот е невработен и не се ни обидува да најде работа, веројатно ќе ви биде тешко да го издржувате и него.
Се разбира дека ќе му помогнете во овој период, но размислете колку пари можете да одвоите за тоа. Истовремено, разговарајте за неговите планови за барање работа.
Спирова С. | Црнобело