5-те најчести грешки што ги прават речиси сите после раскинување
Болката и ненадејната промена што доаѓаат по раскинувањето неретко ги тераат луѓето да прават работи што обично не би ги правеле.
Проблемот е што понекогаш ова однесување може да предизвика проблеми и со бившиот партнер, но и со вашата самодоверба.
Доколку ги избегнувате овие грешки, многу полесно ќе го преболите раскинувањето и побрзо ќе продолжите со вашиот живот.
Барање утеха
Можеби најголемата грешка што ја прават сите по раскинувањето е барање утеха кај бившиот партнер. Иако на овој начин можеби ќе имате можност да разговарате за тоа што се случило и да ја направите разделбата мирна, зад ова се крие само желбата да поминете уште еден момент со бившиот.
Најверојатно, потсвесно се надевате дека штом бившиот ќе ве види, можеби ќе посака да ви даде уште една шанса. Но, речиси сигурно, ова ќе ви предизвика повеќе проблеми. Покрај тоа, молењето на бившиот само ќе ви ја разниша самодовербата.
Барањето утеха кај бившиот го одолговлекува неизбежното, па најдобро е воопшто да не го контактирате.
Претерано „душкање“
Можеби најголемиот проблем кај социјалните мрежи е хаосот што го предизвикуваат после раскинување. Во минатото, кога некој пар ќе раскинел, шансите да се видат повторно биле мали. Поради ова имале време да ја преболат врската.
Но денес го немате овој луксуз. Неретко бившите партнери остануваат пријатели на социјалните мрежи, а ова им дава можност да душкаат низ нивните животи.
Откако ќе се разделите со партнерот, немојте да ги разгледувате неговите профили на социјалните мрежи. Доколку не можете да се воздржите, можеби е најдобро да го отстраните од листата на пријатели.
Наоѓање друг партнер
Друга голема грешка што ја прават сите е тоа што пребрзо го „преболуваат“ бившиот партнер.
Сигурно и вам ви се случило откако сте останале со скршено срце, веднаш да почнете да барате некој друг. Се разбира, нема ништо лошо во тоа да си продолжите со животот после раскинување. Но, од голема важност е да си дадете време вистински да закрепнете и добро да размислите што и зошто се случило.
Започнувањето нова врска веднаш после раскинување значи дека само ќе ги повторите проблемите од претходната.
Па, дајте си време да бидете сами, дозволете си да заплачете и вистински почувствувајте ги сите ваши емоции. На овој начин нема да му дозволите на минатото да се повтори.
Одржување контакт со бившиот
Можеби сте убедени дека е можно да останете пријатели со бившиот партнер, но важно е да знаете дека во поголемиот број случаи, ова пријателство завршува лошо.
Кога двајца имале романтична врска и раскинале, особено ако раскинувањето било еднострано, невозможно е да останат пријатели. Партнерот ви раскинал, но вие веројатно сè уште имате чувства кон него, па ова пријателство само ќе ве повредува.
Доколку сепак сакате да останете пријатели, прво дајте си време да го преболите раскинувањето, а дури потоа обидете се. Одржувањето контакт со бившиот додека сè уште сте со скршено срце нема да ви помогне.
Размислување за што би можело да биде
Речиси секој што бил оставен од партнерот има размислувано за тоа што би се случило доколку врската останела како на почетокот. Веројатно и вие сте се запрашале дали сè уште би биле заедно доколку некој од вас не се променел.
Но, ова размислување само ќе ве полуди. Факт е дека почетокот на секоја врска е волшебен, но оваа почетна хемија не останува засекогаш. Дури и оние кои се во долги и среќни врски ќе ви го потврдат ова.
Покрај тоа, многу луѓе се фокусираат на тоа какви би можеле да бидат нивните бивши партнери. Но оваа личност не постои, па нема потреба да мечтаете за неа. Прифатете дека бившиот не е личноста којашто сте сакале да биде и продолжете понатаму.
Спирова С. | Црнобело