Љубовта не е бајка, таа е вистинска приказна со грди моменти и плачки, но тоа ја прави убава
Љубовта не е недоверба. Љубовта не е испрашување каде си, со кого си, чепкање и проверување на телефонот на партнерот додека тој е во тоалетот или пак спие.
Љубовта не е поставување граници. Граници колку смее да се изеде, да се испие, колку треба да се смееш, колку гласно зборуваш или пак колку многу плачеш на филмови или песни.
Љубовта не е еднонасочна улица. Таа не подразбира постојано давање и недобивање ништо за возврат.
Љубовта не е себичност. Таа не може да преживее доколку секој гледа само за себе, доколку никој не е подготвен да се жртвува или пак не сака да научи што значи зборот компромис.
Љубовта не е играчка. Таа не се зема здраво за готово и не е нешто со кое се пополнува времето кога ти е здодевно.
Љубовта не трпи суети и его. Таа мрази арена на натпревари во кои двајца постојано се надмудруваат кој е подобар или попаметен.
Љубовта не е евтина. Напротив, бесценета е, и онаа вистинската не може да ја изглумиш или да ја купиш за ниту едни пари на светот.
Љубовта не е бајка. Реална е, а како и секоја реалност и во неа има многу грди моменти, многу солзи и плачки. Но, тоа ја прави убава, фактот што не е никаква измислена приказна.
Љубовта не е совршен спој на една душа. Таа е несовршена целина на две души кои успеале да го зачуваат својот идентитет, иако се нашле една со друга.
Љубовта не е само страст и секс. Љубовта е цел спектар на емоции, соединување на физичкото и емотивното, експлозија која настанува со допирот на две битија и сè што тие носат во себе.
Љубовта не е загарантирана. На неа мора да работиш, да се трудиш да ја најдеш, да ја заслужиш, да ја добиеш и зачуваш.
Љубовта не е вечна. Таа понекогаш избледува, но тоа не значи дека не постоела или пак дека не била вистинска.
(О)Милена | Црнобело