7 сигнали дека првичната хемија помеѓу вас и партнерот нема да трае долго
Речиси сите во одреден момент од животот сме биле толку многу вљубени, со желба дека ваквото чувство ќе трае засекогаш.
За жал, пеперутките во стомакот, таа слатка возбуда и несоница понекогаш имаат многу краток рок на траење. Силната хемија помеѓу вас и партнерот како да испарува со секој изминат ден, а вам како да не ви е најјасно зошто се случува ова.
Ова се 7 сигнали кои укажуваат дека силната хемија нема да трае долго:
Премногу сте заштитнички настроени еден кон друг
Уште од првата недела од врската сте подготвени да го превртите светот наопаку за оваа нова личност во вашиот живот. Премногу сте заштитнички настроени и веќе влеговте во кавга заради неа со вашите пријатели и семејството.
Воедно, љубоморни сте на граница на посесивност. Сакате да знаете сè за нејзиното минато, кои се луѓето со кои го поминувала времето, мажите со коишто спиела… сето ова едноставно нема да заврши на добро.
Вашиот партнер е центарот на светот
Ова е во тесна корелација со првата точка. Иако не помина којзнае колку време откако се запознавте, вашиот живот веќе целосно се врти околу партнерот. За него/неа ги занемарувате своите хобија и интереси.
Не сте премногу заинтересирани да излезете со друштвото, среќни сте само вие двајцата. Би сакале засекогаш да останете заклучени во станот без никаков контакт со надворешниот свет, без никој да може да го допре вашиот розов, љубовен меур. Но, вистината е дека реалноста ве стигнува, а таа укажува дека ниту еден пар не е скроен да опстојува сам на светот.
Премногу сериозно и лично си ги сфаќате работите
Што ѝ да каже партнерот или партнерката, вие работите ги земате „здраво за готово“ и премногу сериозно. Доколку тој или таа побара малку време за да размисли за работите со ладна глава, за вас тоа е крајот на светот.
Почнува да ве фаќа параноја и започнувате со бескрајни анализи: зошто ми го прави ова? Зарем не сум доволно добар? Зарем не сме среќни?
Нема доверба помеѓу вас
Постојано сте сомничави–каде оди, со кого се гледа? Зошто има потреба да оди после работа некаде, наместо да се види со вас? Потајно сакате да му ги дознаете сите лозинки од телефонот и социјалните мрежи и да го начекате во некоја лага.
Во вас расте сомнежот дека нешто не е во ред, едноставно бидејќи немате доверба еден во друг.
Не комуницирате отворено и доволно
Откако ќе заврши т.н. период на „меден месец“ во врската, полека се затворате еден кон друг и многу од работите ги премолчувате.
Се расправате за банални ситници, наместо да разговарате за битните работи. Наместо да го отворите срцето и душата, вие замолчувате и спиете со завртен грб.
Кавгите стануваат поголеми
На почетокот се мали, речиси симпатични и небитни. За краток временски период тие ескалираат во огромни кавги и незборување со денови. Напнатоста расте, не можете да се сетите кога сте поминале ден без караница. И двајцата сметате дека сте во право и никој не сака да попушти.
Зборот компромис ви е целосно непознат на двајцата. Сакате само да ја истерате сопствената волја и ништо друго.
Немате исти вредности и заеднички цели
Да, спротивностите се привлекуваат. Но, спротивности од типот на карактер, темперамент, изглед. Не и спротивности од типот на сосема различни вредности и цели во животот.
Вие сте тип што сака да излегува, вашиот партнер сака да седи дома. За вас вистински одмор е луда забава со огромно друштво, за него изолирана локација со само вие двајца.
Вие сакате брак, тој не сака никакво обврзување и обратно. Некој сака многу деца, некој ниту едно… и тоа е она што вистински ги разделува партнерите засекогаш.
(О)Милена | Црнобело