Првата љубов се памети до крајот на животот
„Дедо учителката ни даде домашна задача, да напишеме за првата љубов која била како првиот снег и ни рече ако сè уште не сме ја искусиле да побараме помош од некој постар. Ти дедо се сеќаваш на твојата прва љубов?“
„Како да не се сеќавам, човек многу лесно се менува кога ќе биде допрен од магичната дланка на најблагородното чувство во човековото постоење, љубовта.
Велат дека тоа го поматува умот, срцето чука забрзано, мислите бегаат наоколу и сè некако добива поинаква смисла. Во потсвеста се сместува една личност и сè друго е бесмислено, без нејзиното присуство.
Во животот луѓето градат многу љубовни приказни, некои повеќе, некои помалку во текот на своето постоење, но она што секогаш секој го помни е својата прва љубов, без разлика што таа избледела многу одамна.
Сите ние секогаш ќе памтиме која била првата личност поради која сме го изгубиле разумот и сме ги правеле најчудните работи, првите подароци и првите букети цвеќе оставени скришно пред нејзината врата. Првите насмевки и тајни бакнежи.
Сите ние се сеќаваме на бунтовноста кон нашите родители во обид да се добие слободно време за да може да бидеме со личноста која ни го менува секојдневието, за да припаѓаме бесконечно во нејзината прегратка.
Сите ние сме сакале, искрено, чисто, платонски, сме го дале срцето на некој друг и некој друг ни го подарил своето срце.
Сме заборавале на сите обврски и сите должности, сме се губеле во тој бездимензионален простор на љубовта и сме сонувале за едно лице, она кое сакаме да го гледаме непрестајно.
Но, дали е до годините и самото не искуство тоа чувство да се задржи или можеби е во прашање тоа што сме многу млади за да ја разбереме, првата љубов доаѓа и си оди исто како првиот снег, оставајќи длабока трага во срцето на оној кој љубел.
Трага која човек ја носи вечно, се сеќава и зборува, раскажува, дури и во најдоцните години од нашиот живот, сите ние се сеќаваме на тоа искрено чувство. На таа лудост од младоста која нè натерала да го промениме начинот на нашето живеење, личноста која нè натерала да се изгубиме потполно, сакајќи со цело срце, на љубовта која дошла и нè радувала, а потоа заминала оставајќи нè со жиг кој пече, исто како чувството кога снегот се топи пред очите на малото дете кое ужива во неговото постоење.“
„Леле дедо ти многу си знаел за љубовта, а богами изгледа доста комплицирано, ајде сега збор по збор да ми помогнеш да напишам домашна задача.“
Јас само се насмевнав и си помислив, ќе дојде ден кога и ти ќе ја почувствуваш ќе ти го промени светот, тогаш не состав, ќе треба да напишеш цела книга за чувствата, роман, можеби и во два тома.
Н. Буџак | Црнобело