Секс без љубов = јадење без сол
Сексуалната компатибилност е убава работа, но не е единствената која ги зближува луѓето. Изгледа дека е обратно, објаснуваат сексолозите.
Согласувањето, разбирањето и почитувањето се пресудни за сите добри врски, било оние пријателските или оние љубовните.
Но, за да функционирате со некого како пар, морате да чувствувате меѓусебна физичка привлечност. Секако, сексот не е мерило на сето тоа, но преставува еден од клучните фактори кои што ја дефинираат љубовната врска.
Имено, сексот е еден од најделикатните и најмоќните начини да му покажете на партнерот што чувствувате, па така сексот преставува и огледало на врската.
Проблемите во креветот не се тесно поврзани со хормоните и сексуалните навики. Коренот на добрата врска е задоволството со самите себе, добрата комуникација, прифаќањето на партнерот со сите свои мани и доблести како и емотивната зрелост.
Сето тоа делува на квалитетот на сексот и кога нешто ќе зачкрипи, значи дека недостасува некој од овие битни фактори.
Сепак, не е реткост партнерите кои долго време се заедно и се сакаат, да не се сложуваат идеално во креветот. За причините зборуваат сексолозите и психотерапевтите. Тие велат дека разните потреби во сексот преставуваат извор на фрустрации, кои подоцна, по правило, се пренесува и на другите аспекти од врската.
Секој почеток е тежок
Почетокот на секоја врска ја карактеризира висока возбуда и голема сексуална привлечност, но тој возбудлив почеток истовремено буди стравови кои оневозможуваат да бидеме она што сме. Сомнежот во својот изглед, преголемите очекувања, стравот од неуспех во креветот, ја нарушуваат самодовербата, па не ретко се случува да доведат до нескладност во сексот.
За добар однос потребно е трпение, а до совршенство се доаѓа постепено.
Уживањето зависи од емоциите
Размислете каква врска ви треба, колку ви е важен сексот, а колку му е важен на вашиот партнер? Дали на подолги патеки би можеле да постигнете рамнотежа со навиките на партнерот или некои работи, да речеме зачестената или ретката потреба за секс, ги прифаќате или пак не.
Сепак, ако постои љубов, сите разлики може да се надминат. Тоа е затоа што сексот не е автономен од врската и зависи од многу фактори. Квалитетот на сексуалните односи и темпото на задоволство се менуваат зависно од тоа дали врската напредува или стагнира.
Сексот не е лек за лошата врска
Во лошите врски сексот може да биде моќно оружје за манипулација за да се задржи партнерот, односно да се согласите на нешто што не ви одговара. Понекогаш сознанието дека силната физичка привлечност помеѓу партнерите е единствената работа поради која опстанува врската, е болно.
Големата страст кон партнерот со кого немаме добра врска е знак за страв од соочување со несвесниот проблем. Најчесто ја избегнуваме разделбата за да не мора да ја преземеме одговорноста за себе и своите потреби.
5 знаци за сексуална компатибилност
- Лесно ги споделувате најдлабоките мисли и чувства.
- Двајцата уживате во сексот.
- Говорот на телото е опуштен и благо заводлив кога сте заедно.
- Уживате во бакнежот.
- Ви годи близината на партнерот и ви се допаѓа мирисот на неговата кожа.