Оживејте ја магијата на бакнежот
Пријателски, нежен, заштитнички, формален, провокативен, љубовен, страстен, како израз на почит или потчинетост, интимен...
...мајчински...бакнежот е начин на кој ги изразуваме многубројните чувства во разни прилики.
Сепак, антрополозите се сложуваат со едно – бакнежот онаков каков што е денес настанал од дамнешниот бакнеж на мајка и дете.
Доказ за љубов и страст
Тоа е израз на отвореност, љубов, интимност, пријателство, страст, но тоа е и игра и облик на комуникација. Понекогаш е така невин, а понекогаш толку дрзок. Со бакнежот се потпишуваат спогодби и со него се поздравуваат драги личности.
Ни влева сигурност
Резултатите на истражувањето кое го спровеле стручњаците од Универзитетот Batler во Индијанополис покажуваат дека мажите и жените од сите старосни категории можат детално да опишат како се чувствувале кога за прв пат се бакнале. Истото истражување открива дека првиот бакнеж многу подлабоко се врежува во сеќавање од првиот сексуален чин, кој инаку повеќето испитаници го опишале како искуство кое по многу нешта преставувало разочарување.
Научниците сметаат дека на бакнежот му се придава толку голема важност и затоа што кога сме биле мали преку устата сме го спознавале светот што не опкружувал.
Поефикасен е од лековите
Што конкретно се случува во организмот кога се бакнуваме? Кои се хемиските последици на бакнежот? Дали тој делува благотворно на здравјето?
Кога станува збор за бакнежот мајка-дете, приближувањето на лицето, делови на телото кои се најблиску до мозокот, упатуваат јасна порака на љубов, а тоа може да има само позитивни ефекти. Ако на пример детето е болно, таа порака може да биде поефикасна од лековите. Таа дури може да се смета како превентивна мерка, бидејќи го јакне имунолошкиот систем на организмот.
Додека се бакнуваме, се стимулираат центрите во усните кои даваат знак дека треба да почне лачењето на серотонин, хормон кој позитивно делува на расположението. Кај возрасните областа околу усните е ерогена зона. Покрај нејзиното стимулирање, се активира и лачењето на хормоните кои ја поттикнуваат сексуалната желба.
Бакнувајте се што повеќе
Научниците тврдат дека бакнувањето е добро за здравјето, но и дека позитивно делува на нашата способност да се соочиме со животните проблеми и тешкотии. Бакнувањето нè прави појаки и посигурни. Тоа значи дека оние кои во текот на денот почесто разменуваат бакнежи со саканата личност, членовите не семејството или со пријателите речиси никогаш не одат на боледување, создаваат поголем личен приход и поретко доживуваат сообраќајни несреќи.
И додека скептиците се сомневаат во вистинитоста на ваквите тврдења и истражувања, романтичарите тврдат дека е апсурдно да се теоретизира за еден таков ирационален чин како што е бакнежот.
Затоа, доколку сакате да откриете дали има вистина во овие тврдења, прашајте ги заљубените како се чувствуваат кога ќе се бакнат и се ќе ви се разјасни.