Дали сте мултитаскинг личност?
Дали ви се случило да пишувате е-пошта и вo исто време да зборувате на телефон со колега или да отворите 3 различни е-пораки и да започнете да одговарате на сите паралелно?
„Мултитаскинг“ или работење на повеќе работи одеднаш е концепт кој ние многу често го користиме/кажуваме во секојдневното работење (а и живеење). Многу често со моите пријатели и колеги разговараме за ефектот на „мултитаскингот“, т.е дали можеме да работиме повеќе работи одеднаш, а тоа да нема негативно влијание врз крајниот резултат на некоја од нив. Често знаеме да кажеме, и сме многу уверени во тоа, дека ние сме многу добри во работење на неколку работи одеднаш, а дека тоа не смета на резултатот. Дури јас познавам и неколку горди експерти во„мултитаскинг“.
Но, дали е вистински така или тоа е една голема заблуда со која живееме?!
Многу истражувања и анализи се правени во последно време за ефектот на „мултитаскингот“ во работењето. И сите резултати велат дека ние не сме толку добри, како што мислиме, во извршување на повеќе работи одеднаш.
Првиот проблем е во делот од реченицата што вели „како што мислиме“. Ние сите мислиме и цврсто веруваме дека може да правиме повеќе работи одеднаш. А знаеме дека мозокот е експерт за самозалажување.
Според истражувањата „мултитаскингот“ ја намалува нашата продуктивност за дури 40%, го забавува нашиот прогрес, влијае на нашиот фокус и ја намалува можноста за учење на нови информации. Тоа се случува бидејќи „мултитаскингот“ бара голема когнитивна способност. Нашиот мозок, работејќи повеќе работи одеднаш, поминува низ многу тежок ментален предизвик.
Првиот предизвик е т.н „менување на цели“ – решаваме да правиме друга работа наместо тековната. Во оваа ситуација 2 задачи се борат да користат ист дел од мозокот.
Вториот предизвик е т.н. „менување на улоги“ – менување на правилата од тековната активност, во други правила за новата задача. Ова претставува огромен напор за нашите мозоци и поради тоа, несвесно, нам ни се намалува продуктивноста, концентрацијата и фокусот.
Зборот „мултитаскинг“ оригинално доаѓа од компјутерскиот речник и претставува способност микропроцесорот да процесира повеќе задачи (процеси) симултано. И бидејќи компјутерите може да вршат повеќе работи одеднаш, тоа влијае ние да мислиме дека тоа е и наша вештина. Но, она што треба да го имаме на ум е дека компјутерите постојано се надградуваат и менуваат. Тоа значи дека, ако сакаме и ние да ја развиваме нашата вештина за „мултитаскинг“, треба и ние да ги надградуваме нашите процесори (мозокот).
Според истражувањата „мултитаскингот“ е вештина која се учи/тренира. Но, за тоа треба да се едуцираме, да ги спознаеме техниките на работа и да вежбаме напорно.
Има една приказна што вели дека Моцарт можел да прави 2 работи одеднаш и тоа без никакви последици на финалниот резултат од тие активности. Често знам да им кажам на колегите и другите што мислат дека не им смета „мултитаскингот“ во работата - ако сте како Моцарт во тој случај јас не ви коментирам ништо. Но, ако не сте, тогаш единствено ќе може да прифатам дека сте добри во „мултитаскингот“ само ако работите на техниките за развој на таа вештина. За мало појаснување на ликот и делот на Моцарт – тој ја напишал својата прва симфонија на 8 годишна возраст.
НАПОМЕНА: Кога зборуваме за „мултитаскингот“ и неговото негативно влијание повеќе се мисли за извршување на повеќе важни/сериозни активности. Некои ситни и не толку важни задачи, нашиот мозок има капацитет да ги обработи без некои посебни проблеми. Пр. гледање телевизија и јадење, вежбање, пеглање итн.
Значи, може да заклучиме дека „MythBusted“ (митот е разбиен). И следниот пат кога ќе кажете „можам да правам повеќе работи одеднаш“, размислете убаво!
Петар Лазаров
Член на тимот МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-consulting.com
www.macedonia-export.com
Извор: Прирачник „Tip of the Week“