Владимир Петровиќ - “Мали од Наше Маало”: Прва љубов ми е девојчето од градинка, а потоа глумата
Пред 17 години на екраните се појави серијата „Наше маало”, која до ден денес буди сеќавања на убаво детство, убави времиња и нè навраќа наназад низ годините.
Овојпат поразговаравме со “Мали” - момчето по име Владимир Петровиќ кое остана како еден од белезите на добрата детска глума, а денес и како актер кој гради кариера во театарот.
Прошетавме пред зградите каде се снимаше оваа приказна и го продолживме разговорот за денешното време.
Кој е Владимир, каде можеме да го сретнеме, можеме ли повторно да имаме серија како “Наше маало”?
Зошто баш глума? Глумата ти е прва љубов или...?
Прва љубов ми е едно девојче од градинка, на мои 5 години, а после на 7 години почна да се снима Наше Маало, што значи може да се каже дека глумата ми е втора љубов. Зошто баш глума? Затоа што мислам дека е убава професија и дека е уметност која што допира длабоко до човековата душа.
Рече од 7 години почна со глума, мислиш ли дека сè ќе беше многу поинаку доколку работеше нешто друго?
Ако не бев актер сега, сигурно ќе бев музичар или архитект, бидејќи според мене и архитектурата е уметност. Јас сигурно ќе се занимавав со уметност само што точно, не сум сигурен. Имав големи афинитети кон музиката, порано свирев клавир. На свои 4 години завршив солфеж на клавир, така што глумата веројатно ми е и трета љубов, ама сепак во неа мислам дека најдобро се снајдов.
Наше маало... мислиш ли дека можеби недостасува ваква серија денес?
Денес има обиди за детски серии, сериите функционираат, но не видовме проект кој што е со мултиетничка основа, нешто што во денешно време е навистина потребно. Мислам дека во секој случај Наше Маало си ја заврши својата работа, се појави во еден чувствителен период бидејќи сето тоа започна во 1999-та година, а сите знаеме за војната во 2001-ва година.
https://www.youtube.com/watch?v=0446OZwwWV8
Би се обидел ли ти да направиш ваков проект?
До мене допираа идеи, на пример 10 години Наше Маало, 15 години Наше Маало, имаше навистина обиди. Но, сето тоа е само муабет, јас како актер не би имал ништо против, ама некој друг мора тоа да го иницира.
Владимир, денес си актер, што е за тебе добра претстава?
Добра претстава за мене е кога сите се чувствуваат добро. Режисерот кога се чувствува добро, актерите, кога имаат текст кој што ги тера да размислуваат, кога целата екипа што ја работи претставата е задоволна и публиката кога ќе си замине од театар да ја натера да размислува. Кога се сите среќни и задоволни, тоа е за мене добра претстава.
Велиш, среќни и задоволни, што тебе те прави среќен и задоволен, што може тебе да ти го направи денот?
Мали работи. Сакам да сум меѓу луѓе, да излегувам, да се дружам со моето куче, да бидам со луѓето што ги сакам.
Што мислиш дека му недостасува на театарот денес?
Луѓе кои не се расипани во поглед на политика, кои што се талентирани и си ја знаат својата работа. Ние сме сведоци на едно време каде вистинските вредности се тргнуваат на страна, а роднинските врски и политичката определба станува важна и поради тоа целиот театар тоне. Според мене Македонскиот Театар е на многу лошо ниво, јас се надевам дека тоа во иднина ќе се смени.
Кога ќе затвориш очи, се гледаш ли на некоја светска сцена за 10 години?
Пред 10 години се гледав себеси на приемниот испит на факултетот за Драмски уметности, па кога дојдов на факултет се гледав себеси на театарските сцени во Скопје, а сега се гледам на некои поголеми сцени, тоа е нормално нели? Сега се гледам себеси на филм нормално и театар, тоа сакам да биде мојата иднина.
Од тогаш до сега, што е она што најмногу ти се задржа во сеќавање? Улога, претстава, текст..?
Не е ниту претстава, ниту лик, ниту одредена сцена, туку среќата. Задоволството. Кога ќе ја одиграш претставата чувството е незаменливо, самиот момент кога си на сцена за мене е прекрасен. Тоа е нешто што ми се провлекува и што ме оддржува и дефинитивно една од причините зошто се запишав на глума е затоа што тоа ме исполнува и ме прави среќен.
Имаш ли некоја препорака за читателите?
Јас би им препорачал, еве на одредени луѓе, да ги вклучат мозоците. Затоа што пораките кои се праќаат во театар се наменети за луѓето да се свестат. Да одат во театар, тоа е еден вид духовна храна, како што е музиката храна за душата и филмот секако, така и театарот. Токму театарот постои откако постои и човекот и тоа треба да се негува, да се цени и да се вреднува.
Како за крај, каде можеме да те видиме денес?
Јас сум дипломиран веќе 3 години, но невработен. До сега снимив 2-3 краткометражни филмови. За жал или за среќа немам ниту една претстава во државните институции во нашата држава. Присутен сум на алтернативната независна сцена, имав две претстави во независна продукција во МКЦ, тие веќе не се играат и играм во претставите “Солун град на духови ” и “Лерин полиња жито, ридишта крв” во режија на професорот Слободан Унковски. Претставите се играат во Театарот на Навигаторот Цветко во Кино Култура, во зградата моментално има зафати за инсталирање на систем за ладење и греење и се надевам кога ќе се заврши тоа ќе можеме повторно да ги ираме претставите и нормално публиката да ги види.
Автор: Сања Стојковска
Фото: Костадин Калошев
(c) CRNOBELO.com