8 грешки во вежбањето заради кои не постигнувате резултати
За да постигнете резултати во теретана, да изгубите тежина и да ги затегнете мускулите, важно е да правите основни, но правилни вежби.
А, иако не сте свесни, многу често се случува вежбите да ги правите погрешно, и освен што нема да постигнете резултати, може и да му наштетите на телото.
Затоа, погледнете ги овие неколку правила за некои од најчесто практикуваните вежби:
Мост
Погрешно: Ако грбот ви е свиткан, притисокот не е на задникот, туку на долниот дел на грбот.
Правилно: Легнете со паралелно поставени нозе и кренете се толку колку што е доволно за целиот горен дел на телото и нозете да ви бидат во права линија со колковите.
Префрлање од една на друга нога
Погрешно: Телото ви е наведнато нанапред, а колената ги вртите навнатре. Поради ова, напорот врз колената и ‘рбетот е многу голем.
Правилно: Грбот треба да ви биде исправен, а ногата кај коленото да ви биде свиткана под агол од 90⁰ кога клекнувате.
„Plank“
Погрешно: Ако грбот не е исправен за време на вежбата, тогаш нема да имате никаков ефект.
Правилно: Телото од глава до петици треба да биде исправено во иста линија. Рацете свиткајте ги под агол од 90⁰ и држете ја главата исправено.
Чучњеви со шипка
Погрешно: Ако колената се понапред од стапалата, грбот е свиткан и шипката ја држите на врат, тогаш тежината ќе биде префрлена на прстите на нозете. Исто така можете и да го повредите вратот и да паднете.
Правилно: Шипката што ја држите и колената треба да ви бидат во иста линија на средина на стапалата. Исправете го грбот и газете на цело стапало. Не клекнувајте многу ниско.
Чучњеви со тегови
Погрешно: Рамената ви се наведнати нанапред и поради тоа целиот грб е свиткан. Ниското клекнување е дополнителен напор.
Правилно: Исправете ги рамената и грбот, малку свиткувајќи се во долниот дел. Клекнувајте така што колковите ќе ви бидат паралелни со подот.
Стапнување на платформа
Погрешно: Колку подалеку стоиме од платформата, толку е посилен притисокот на колената, а не на мускулите на нозете.
Правилно: Исправете се, застанете поблиску до платформата и коленото нека ви биде исправено и во иста линија со стапалото.
Расчекор со тегови
Погрешно: Коленото и стапалото ви се свртени настрана и тоа нема никаков ефект, а може да доведе до повреди.
Правилно: Коленото треба да биде во иста линија со стапалото и да биде свиткано под агол од 90⁰.
Кревање тегови со една рака
Погрешно: Главата ви е многу исправена, а со тоа се искривува целиот грб.
Правилно: Грбот треба да ви е исправен во една линија од вратот до задникот.
М. М. | Црнобело