„Работам во градската болница во Велес – ќе ви ја раскажам трогателната приказна за дедо Трајче и дедо Цобе, пријатели од стар ков“
Докторка која над 20 години е дел од тимот на градската болница во Велес за CRNOBELO.com пренесува уште една, трета, многу трогателна и емотивна приказна која вели дека е од оние кои секогаш ќе бидат врежани во нејзиното сеќавање и нејзиното срце. За вистинските пријатели, за дедо Цобе и дедо Трајче...
Оваа приказна докторката од Велес вели дека е од оние кои секогаш ќе бидат врежани во нејзиното сеќавање и нејзиното срце.
Преку нејзината приказна таа ни порачува како треба да се грижиме едни за други, како малите нешта го прават животот, како љубовта на пријателството е онаа која вечно трае, засекогаш. Приказна за колку животот е краток, а ние колку го трошиме на нешта кои нѐ овенуваат.
„Помина одредено време откако ја раскажав приказната за дедо Петре и тинејџерот зависник. И во првата и втората приказна споменав дека има рој случки кои оставија траг врз моето срце и душа.
Сега, би сакала да ја раскажам третата, и онаа која мене најмногу ме трогна.
Само за мало потсетување, јас сум над дваесет години дел од тимот на градската болница во Велес. За сите тие години имам видено многу убави нешта, но и многу тажни моменти.
Низ мои раце поминале животни приказни, кои ако ги соберам сите, би испишале страници и страници од две-три книги.
Има такви кои ги имам заборавено брзо, има такви на кои се сеќавам половично, но има и такви кои нема никогаш да ги заборавам. Оваа е приказната која мене ме има трогнато најмногу, оваа е приказната за љубовта на едно долгогодишно пријателство.
Оваа трета приказна која сакам да ја раскажам се случи во најтемните моменти од пандемијата на Ковид-19. Оваа приказна ме трогна најмногу од сите.
Во екот на пандемијата, кога сѐ уште имаше голема смртност помеѓу пациентите, ги донесоа дедо Трајче и дедо Цобе (по 70 години). И двајцата со малку влошена состојба на ковид-19, но уште свесни и полни со живот.
„Ааааа, ние се знаеме од деца“, рече дедо Трајче.
„Да, да,“ потврди дедо Цобе. „Од мали заедно. Израснати на иста улица, иста клупа, во војска заедно, на факултет заедно, и цел живот заедно.“
„Како што сме тргнале и гроб до гроб ќе нѐ погребаат.“
„А тоа сигурно.“
„Ајде рано е за тоа“, се обидов да сменам тема. „Уште сте млади за тоа.“
Убаво беше да се слушне како едно пријателство опстојало низ сите виори на времето, сите проблеми низ годините, па дури и пандемијата. Денес вредностите на едно пријателство овенуваат и со најмалата појава на некаков проблем. Младите сега, за жал, се поладни од тоа што беа претходно. Денес е само кариера и пари.
Како низ некое судбоносно проткајување, дедовците беа сместени и во иста соба, кревет до кревет. Така се погоди.
И низ сета темнина од вирусот, темнина која се беше спрострела низ целиот свет, имаше среќа и светлина во таа мала болничка соба. Дедовците нѐ засмејуваа, ни раскажуваа приказни, ни ја олеснуваа и нас работата.
„Абе дете, дај види нешто ме боли ногата“, ми рече дедо Трајче третиот ден.
„Ајде да видиме“, му реков и се доближив накај неговиот кревет. И навистина листот од десната нога му беше прилично зголемен.
Успеавме некако да направиме компјутерска томографија истиот ден. Кога го вративме во соба почнавме да поприкажуваме малку, за да им го одвлечам вниманието и на двајцата од резултатите кои ги чекавме, бидејќи и дедо Цобе беше загиржен за неговиот пријател.
„И пријатели цел живот значи?“ пак прашав.
„Абе цел живот“, додаде дедо Цобе. „Од мали. Сме делеле сѐ. Храна, кревет, и жени, хахаха.“
„Ај бе не зборуј глупости“, нафрли дедо Трајче.
„Де бе се зезам малку хахаха.“
Се насмеавме сите слатко.