Со какво превозно средство одат на работа луѓето низ светот?
Не сите луѓе имаат можност да стигаат од дома до работа со сопствен автомобил.
Некои поради финансиски причини, други поради големиот метеж во сообраќајот, трети заради проблемите со паркингот (како што е случај кај нас), а има и такви места каде едноставно нема можност и услови за сите да возат автомобили.
Во некои градови луѓето се превезуваат до работа со бродови и чамци, а некаде дури и со жичари.
Погледнете какви превозни средства користат луѓето низ светот:
Ла Паз, Боливија
Во овој град се наоѓа најдолгата жичара на светот, а се користи заради потешкотиите на патот и метежот кој се создава, па овој начин е попрактичен.
Пном Пен, Камбоџа
Во главниот град на Камбоџа луѓето кога одат на работа или кога треба да пренесат нешто, често се превезуваат со не толку модерен брод.
Венеција, Италија
Каналите во Венеција ни се на сите добро познати, а луѓето во овој град се превезуваат со бродчиња кои се наречени вапорето. Има редовни линии кои се многу слични на автобуските.
Бангкок, Тајланд
Речниот транспорт во Бангкок е исто така популарен – има посебен распоред, линии и е многу удобен и побрз ако се спореди со долгото чекање во сообраќајниот метеж.
Амстердам, Холандија
Амстердам е познат по големиот број на велосипеди и по тоа дека луѓето овде навистина го почитуваат овој начин на транспорт.
Има одлична мрежа на велосипедски патеки, а има и улици кои се исклучиво велосипедски, па така ова не претставува проблем и луѓето со задоволство возат до работа.