Исчистете го накитот како професионалец
Не сте единствените кои имате еден куп накит кој не е употреблив, само затоа што стоел предолго во кутијата, па ја променил бојата од нечистотија.
Наместо да дадете цело богатство за професионално чистење, ви откриваме неколку тајни и трикови кои уште денес можете да ги испробате.
Пиво за злато
Златото можете да го исполирате со пиво, само внимавајте ако има драгоцени каменчиња. На мека крпа истурете малку светло пиво и протријте го златото. Потоа избришете со сува, обична крпа.
Бел оцет за сребро
Сребрениот накит исполирајте го со мешавина од половина шолја бел оцет и 2 лажици сода бикарбона. Оставете го накитот да постои во оваа течност неколку часа, а потоа исплакнете со ладна вода.
Напомена: Ова важи само за чисто сребро! Пред да го потопите накитот во оцет, осигурете се дека бразлетната, ланчето или обетките се чисто сребро.
Кечап за сјајно сребро
Ако среброто е чисто, но го изгубило сјајот, исполирајте го со кечап. Дури може да го оставите и неколку минути во чашка со кечап, а потоа добро измијте го и протријте со стара четка за заби. Киселината која се наоѓа во кечапот има сјајно дејство врз сребрениот накит.
Газирана вода за скапоцени каменчиња
Доколку сте една од среќничките кои поседуваат дијаманти, рубини, сафири или нешто слично, полијте ги со кисела вода и оставете да отстојат цела ноќ.
Вотка за кристали
Заради корозивните својства вотката е најкорисна за чистење на кристал и стакло. Оваа техника е ефикасна, посебно затоа што подеднакво исто делува на вистински и лажни каменчиња. Само пребришете ги со мокра крпа со вотка и работата е завршена.