Се вљубил во пациентка, по смртта ѝ го украл телото и живеел со него – Морничавата опсесија на лекар од Германија
Доктор Карл Танзлер од Германија се вљубил во негова пациентка болна од туберкулоза. Тој станал толку опседнат со неа, што по нејзината смрт ѝ го украл телото, ѝ го обложил со гипс и го чувал во неговиот дом. Кога случајот бил разоткриен и телото вратено во гробот, Карл си направил кукла која личела на пациентката и живеел со неа до својата смрт.
Не постои личност која не била вљубена. Но, доктор Карл Танзлер од Германија станал толку опседнат со своја пациентка, што откако починала ѝ го украл телото и „живеел“ со него.
Во староста, Карл напишал и автобиографска книга, од каде се познати дел од неговите бизарни мисли и чувства кон мртвата пациентка.
Кој бил Карл Танзлер и како јавноста дознала за неговата морничава опсесија?
Карл Танзлер бил роден во 1877 година во Дрезден.
Во детството и младоста тврдел дека честопати имал визии од мртви луѓе. Тој тврдел и дека бил „посетуван“ од жена која била негов предок и која му покажала како ќе изгледа неговата вистинска љубов.
Наводно, таа му покажала лице на темнокоса девојка.
Пред почетокот на Првата светска војна, Карл се преселил во Австрија, а околу 1920-та повторно се вратил во родната Германија.
Кратко по враќањето, тој ја запознал Дорис Шафер со која се венчал и добил две деца.
Во 1926-та емигрирал во САД и набрзо потоа му се придружиле и сопругата и двете ќерки.
Следната година се преселил во друг град во САД и се вработил како радиолог во локална болница. Тој си го сменил и името во Карл вон Косел.
Во 1930 година, додека работел во болницата, Карл ја запознал Марија Елена – млада Американка со кубанско потекло која отишла на преглед со мајка ѝ.
Наводно, Карл веднаш ја препознал како девојката што ја гледал во неговите чудни визии.