Имала ларви на рана, нашла тела на други патници: Како 17-годишна девојка преживеала 11 дена сама во џунгла, по авионска несреќа?
Во 1970-тите, по авионска несреќа, тогаш 17-годишната Џулијан Кепке не само што преживеала пад од 3.000 метри, туку преживеала и 11 дена во амазонската шума. На раните од несреќата почнале да ѝ се појавуваат ларви, се здобила со изгореници од сонце и освен неколку слатки, немала никаква храна.
Целиот свет дозна за четирите дечиња што преживеаја 40 дена во амазонската џунгла потполно сами по авионска несреќа, но дали знаевте дека постои сличен настан од 1970-тите?
Во 1971 година, во иста ситуација се нашла тогаш 17-годишната Џулијан Кепке која сама преживеала 11 дена во амазонската дождовна шума, по авионска несреќа.
Иако Џулијан имала некакво искуство за преживување во џунгла, таа била сериозно повредена и потполно сама.
Џулијан во тинејџерските години
Пред несреќата, Џулијан и нејзините родители зоолози вршеле истражувања во област во амазонската дождовна шума.
Ноќта пред кобниот лет, Џулијан и мајка ѝ биле во главниот град на Перу – Лима. Тие сакале да се вратат во Пангвана – областа каде што ги правеле истражувањата – но таткото на Џулијан ги молел да не се качат во авионот.
Имено, единствената авиокомпанија во која имало слободно место била позната по тоа што не обрнува многу внимание на безбедноста.
Џулијан во тинејџерските години
Џулијан и мајка ѝ сепак се качиле на авионот бидејќи сакале брзо да се вратат во Пангвана.
На 24 декември 1971 година, тие тргнале од Лима кон Пангвана. Но, 30-тина минути по полетувањето, авионот налетал на бура и бил погоден од молња.
Подоцна Џулијан откри дека луѓето почнале да викаат и да плачат додека авионот паѓал надолу од 3.000 метри височина.
Џулијан на 4-годишна возраст со мајка ѝ
Џулијан изгубила свест, а кога се разбудила сфатила дека сè уште паѓа.
Кога паднала на земјата, Џулијан повторно изгубила свест и се сеќава дека се разбудила околу 9 часот наутро – за чудо, рачниот часовник ѝ работел.
Од падот Џулијан имала длабоки исекотини, скршена клучна коска, повреда на окото, како и потрес на мозокот.
Кога сфатила што се случило, почнала да ја бара мајка си, но околу неа немало ни тела, ни остатоци од авионот.
Со ова почнала 11-дневната голгота на 17-годишната девојка.
Џулијан со остатоците од авионот, фотографирана околу 1990-тите