Благодатниот оган во Ерусалим – што значи и како ова чудо ме исцели после години страдање?
Во 2017 и 2018 година, кога добив благослов да појдам во Ерусалим за големиот празник Воскресение Христово – Велигден, се радував за многу нешта. А, не ни знаев каква радост и ослободување ме очекуваше со Благодатниот оган. Тие две години (а и секоја последователна) со радост го пречекувавме Благодатниот оган, во необјасниво вчудовидување кое остава без зборови, но само со чувства. Во Ерусалим јас за првпат си признав и си прифатив дека од мои 8 до мои 10 години бев сексуално злоставуван. И тогаш, во текот на тој мој аџилак, јас се исцелив од сета таа темнина во мојот живот, со тоа што му простив на злоставувачот. Тоа беше моето чудо поврзано со Благодатниот оган.
Како што првпат напишав за моето искуство во Светата земјa, го посетив ова благословено парче тло во 2017 и 2018 година, и тоа токму за најголемиот православен празник Воскресение Христово – Велигден.
Како што се потрудив да објаснам и тогаш, аџилакот ми остави толку длабок и голем впечаток, што и после четири години, уште во мене тлее таа љубов кон Ерусалим и сета таа енергија која може да се почувствува таму.
Уште е многу е тешко да се опише чувството кое Светата Земја ви го дава (а и остава) кога за првпат ќе ја посетите. А сега, би сакал да објаснам за чудото наречено Благодатен оган, кое се случува на Велика Сабота.
Во Православието, Благодатниот оган се случува секоја година на денот пред Православната Пасха (односно пред Воскресението Христово - Велигден).
Додека се случува материјализирањето на Благодатниот оган, сведоштвото вели дека во Христовиот гроб се појавува сина светлина, која се издигнува од мермерната плоча што го покрива камениот кревет врз кој било поставено Исусовото тело за погреб (градбата е позната како Кувуклија).
Светлината формира огнен столб, од кој се палат свеќите што ги држи Ерусалимскиот патријарх кој е единствениот кому му е дозволено да влезе во Христовиот гроб на овој ден. Од овој оган потоа се палат свеќите на свештенството и на присутните аџии околу Кувуклијата, а и надвор од неа.
Се вели дека огнот спонтано пали и други светилки и свеќи околу црквата. Потоа верниците си го пренесуваат огнот од свеќа на свеќа.
Пред да се запали огнот, Ерусалимскиот патријарх клечи во капелата пред каменот, со толпата собрана надвор од Кувуклијата. Кога ќе се запали огнот, патријархот излегува од црквата со две запалени свеќи.
Илјадници аџии, како и локални христијани од сите конфесии, се собираат во Ерусалим за да учествуваат и да бидат сведоци на овој прекрасен и неопислив настан.
Потоа Благодатниот оган се носи со специјален лет во православни земји или земји со големи православни цркви, како што се Грција, Македонија, Грузија, Бугарија, Либан, Романија, Египет, Кипар, Србија, Украина и Русија.
За значењето на Благодатниот оган убаво објаснува отец Јани Мулев од Повардарската епархија: „Секогаш на Пасха, оние кои се наоѓаат во и близу до храмот, стануваат сведоци на слегувањето од Благодатниот оган. Благодатниот оган не го палат луѓе, туку слегува од Господа и притоа на поклониците им носи чувство на духовно исцелување, а на болните и немоќните им дарува телесно исцелување и со тоа се потврдуваат голем број настани кои ни се добро познати од Библијата. Благодатната Светлина во храмот не се јавува само во овој век“.
Во 2017 и 2018 година, кога добив благослов да појдам во Ерусалим за големиот празник Воскресение Христово – Велигден, се радував за многу нешта. А, не ни знаев каква радост и ослободување ме очекуваше со Благодатниот оган.
Тоа е едно необјасниво вчудовидување кое остава без зборови, но само со длабоки и силни чувства.
За да се влезе во Стариот град додека се случува ова чудо, е многу тешко. Затоа, и двете години ние го пречекавме Благодатниот оган пред портата Јафа.
Верувам дека благодатта која се чувствува внатре во Црквата на Христовиот гроб е неспоредлива, но да не бевме надвор немаше да ги видиме сите чуда пред слегувањето на овој оган.
Првата година кога бев (односно во 2017 година), се разбудивме со групата во раните утрински часови и веднаш се упативме накај портата Јафа за да фатиме место барем понапред.
Благодатниот оган најчесто се материјализира после пладне, па затоа се наместивме поблиску до портите и чекавме.
Се сеќавам како да беше вчера, беше топло и скоро неподносливо. Дури и под шаторите каде што стоевме, се чувствуваше задушливост и непријатност.
Како наближуваше времето, така како од никаде да се појави облак пред Сонцето. И почна да се распространува некое ладникаво ветре.
Потоа, насекаде почнаа да летаат гулаби. А најмногу се собраа над нас, и прелетуваа во кругови над Стариот град и Црквата на Христовиот гроб. Бели, прекрасни гулаби како што немав видено претходно.
Како да знаеја и тие, како да очекуваа. Летаа синхронизирано во кругови. Тоа беше првиот пат кога посведочив нешто такво, нешто толку прекрасно.