Тетката со книга, набилданиот, моделот: 10 ликови кои ќе ги сретнете на плажа
За некого одмарање на плажа, за некого пијанчење во бар. Полека, но сигурно се ближи летото и годишниот одмор.
Еве неколку видови на луѓе кои ги има буквално на секоја плажа - секогаш:
1. Набилданиот
Поимот „летно тело“ некој си гo сфатил малку повеќе од сериозно, па претерал со одењето во теретана. Мускулите му се поголеми од сенката која ја прави чадорот за сонце, па по неколку неуспешни обиди да најде удобно место, се предава на сончањето.
Најчесто поголемиот дел од времето го поминува објаснувајќи се со луѓе дека тој не е спасувач, дека е само дојден тука на одмор.
2. Корпулентниот
Ова е ликот на кој поимот „летно тело“ не му значи ништо. Животот го поминал уживајќи во јадењето, и воопшто не се кае за тоа.
Доколку на плажата има место од каде што може да се скока во водата, тој е прв, бидејќи нема ништо позабавно од тоа да ја избањате целата плажа со само еден скок.
3. Голата
Нема попогодно место да ги исончате градите, од семејна плажа. Ова е личност која ја промашила нудистичката плажа, а мора да си ги задоволи сончевите потреби по секоја цена, па макар тоа било пред мали деца и женети луѓе.
Нејзината појава е најчесто проследена со превртување очи и негодување од страна на облечените жени на плажата, како и делумно искривени очи од страна на нивните сопрузи.
4. Полунудистот
Нема ништо посекси од маж кој носи погрешен број костим за капење. Најчесто станува збор за постар човек кој не остава премногу на имагинацијата (за жал), носејќи Југословенски спидо од 76та.
Животното мото му е „ако не е расипано, не го поправај“, па поради тоа што првите две жени ги „фатил“ носејќи го тој костим за капење, зошто да не и третата...
5. Моделот
Ова е личност која најчесто оди на одмор со далеку понеубавата другарка, чија единствена задача е да биде фотографот на профилната на Фејсбук за идните 2-3 месеци.
Скоро никогаш не се бања во водата, освен ако не е за уметнички потреби, односно да ја направи сликата со вадењето на косата од вода, или паѓањето во вода на грб во успорена снимка.
Најчесто со неа носи книга од која го има прочитано само насловот, и на тоа планира да остане.
6. Другарката на моделот
Ова е личноста која не разбира дека нејзината пријателка ја користи за сликање. Таа дава сè од себе за да биде „BFF “ на „моделот“, меѓутоа и самата знае дека доколку не ја сликне идната профилна за Фејсбук како што треба, ќе ја изгуби улогата на која толку долго работела.
7. „Немања сине, уџи у воду“
Сите знаете за што станува збор. Српската фамилија која ја има на секоја плажа секаде. Мајката и таткото ја пробуваат водата, по што даваат гласна оценка од типот на „Јаоооој супер је вода“, по што следи славното „Немања сине, уџи у воду“.
Единствениот проблем е во тоа што Немања е веќе возрасно момче, и пробувајќи да им се доближи на „моделот“ и другарката, не сака да се посрами со тоа што ќе се јави на викањето на неговите родители, кое е сè погласно и погласно.
8. Балканското семејство
Доколку првпат одите на таа плажа, сигурно ќе си помислите дека е нивна. Ова се луѓето кои се имаат распостелано низ целата плажа, зафаќајќи барем 8 стратешки позиции под сенка.
Со нив носат фрижидер и две торбици храна, како и две до три гајби пиво, во зависност од тоа со колку пријатели планира да се види таткото додека е на плажа.
Децата не знаат што е личен простор, и трчаат врз туѓи пешкири и глави. По нивното заминување од плажата, оставаат барем 40 отпушоци и 20 шишиња од пиво, и секако, опаковките од сè што јаделе истиот ден.
9. Незаинтересираната тетка која чита книга
И покрај максималното ниво на незаинтересираност за нејзината околина, таа сепак некако успева да им обрне доволно внимание на малите деца кои си играат два до три децибели погласно од дозволеното, или на парот кој се бакнал на сто метри од неа, или на сè што не ги поминува стандардите за тишина во една библиотека.
Станува збор за личност на која сè и пречи, и која постојано крева веѓи и се мршти.
10. Збунетиот
Колку пати сте отишле на плажа, и сте наишле на човек кој не знаете што прави, со кого е, и зошто е на плажата? Најчесто станува збор за човек кој не му оди ништо од рака па така, по четириесет минутната борба со чадорот за сонце, следи дваесет минутен двобој со рогузината.
Влегувањето во вода трае од два до три дена, по што следи шеткање во плиткото.
Доколку се прашувате со кого е дојден тука, најчесто одговорот е со незаинтересираната тетка која чита книги под чадорот.
еНВи | Црнобело