„Љубовта може да биде практикувана само во слобода“ - 20 цитати на Ерих Фром универзални за сите времиња
Ерих Фром е германски психоаналитичар од '20-иот век, поборник на хуманизмот како правец во филозофијата и фројдо-марксист.
Познат по своите дела „Бегство од слобода“, „Уметноста на љубовта“, „Здраво општество“, тој ги истражува човечките можности и потенцијали, а со тоа и напредокот на општествата.
Фром бил роден во 1900 година во Франкфурт и живеел до 1980 година. Тој стекнал формално образование во областа на психологијата, социологијата и филозофијата. Тој е поборник за идејата дека без здрави општества, нема ни здрави поединци.
Истовремено, во едно од најпознатите дела, „Уметноста на љубовта“, тој ја толкува љубовта на нов начин - како човечки капацитет во кој се наоѓа одговорот за прашањето на човечкиот развој.
Подолу се издвоени неколку важни цитати од неговите најпознати дела, кои можеби и вам ќе ви понудат нова перспектива кон разбирањето на љубовта и слободата:
Сакам љубената личност да расте и да се развива поради самата неа и на нејзин сопствен начин, а не со цел да ми служи мене.
Грижата и одговорноста се составните елементи на љубовта, но без почит и познавање на љубената личност, љубовта се сведува на доминација и посесивност.
Себичните лица не се способни да ги сакаат другите, но не се способни ниту да се сакаат себеси.
Како што љубовта за една индивидуа која ја исклучува љубовта за другите не е љубов, така и љубовта за својата земја која не е дел за љубовта кон човештвото не е љубов, туку идолопоклоничко обожување.
Нарцисоидната, доминантната и посесивната жена може да успее да биде грижлива мајка сè додека детето е мало. Само вистински грижливата мајка, жената која е посреќна во давање отколку во земање, онаа која е цврсто вкоренета во сопственото постоење, може да биде грижлива мајка кога детето е во процес на одвојување.
Во љубовта, се случува оној парадокс кога две суштества стануваат едно, а сепак остануваат две.
Она што повеќето луѓе во нашата култура го подразбираат под тоа да се биде сакан е, всушност, мешавина од бидување популарен и имање сексапил.
Општеството мора да биде организирано на тој начин што човечката социјална и љубовна природа не е одделена од неговото општествено постоење, туку да стане едно со него.
Ако е точно, како што се обидов да покажам, дека љубовта е единствениот здрав и задоволувачки одговор на проблемот на човечкото постоење, тогаш секое општество кое релативно го исклучува развојот на љубовта, на долг рок, мора да биде погубено од сопствената спротивставеност со основните потреби на човечката природа.
Опасноста во минатото беше тоа што луѓето стануваа робови. Опасноста во иднината е тоа што луѓето може да стана роботи.
Љубовта е акција, практика на човечката моќ, која може да биде практикувана само во слобода и никогаш како резултат на принуда.
„Привлечен/на“ обично значи убаво спакувани квалитети кои се популарни и барани на пазарот на личности.
Кој ќе каже дали еден среќен момент на љубов, радоста на дишењето или прошетката на едно убаво утро и мирисот на свеж воздух не се вредни за сите страдања и напор кои животот ги наметнува?
Верувам дека љубовта е главниот клуч за отворање на вратите за „растот“ на човекот. Љубов и соединување со некој или нешто надвор од себеси, соединување кое овозможува да се ставиме во врска со другите, да се чувствуваме како едно со другите, без ограничување на чувството на интегритет и независност.
Зрелиот одговор на проблемот на човечкото постоење е љубовта.
Љубовта значи посветеност без гаранција, потполно да се дадеме себеси во надежта дека нашата љубов ќе создаде љубов кај саканата личност. Љубовта е акт на верба, а оној кој има малку верба, има и малку љубов.
Човекот денес не страда толку од сиромаштија колку што страда од фактот дека станал шраф во голема машина, автомат, дека неговиот живот станал празен и ја изгубил неговата смисла.
Алчноста е јама без дно која ја исцрпува личноста во бескраен напор да ја задоволи потребата, без притоа да постигне задоволство.
Се чини дека за просечниот човек ништо не е потешко отколку да го носи чувството да не биде идентификуван со поголема група.
Без разлика за тоа дали сме свесни или не, не постои ништо за што сме повеќе засрамени отколку од тоа да не бидеме себеси, и нема ништо друго што ни дава поголема гордост и среќа отколку да го мислиме, чувствуваме и кажеме она што е наше.
Надминувајќи ја природата, станувајќи отуѓен од природата и од другото човечко суштество, човекот останува гол и засрамен. Тој е сам и слободен, но немоќен и уплашен.
А. Т. | Црнобело