„Годините носат слобода": 7 вредни животни лекции од Глен Клоус
Глен Клоус е една од најценетите актерки на нашето време. Родена е на 19 март, 1947 година во Конектикат.
Животот на оваа американска актерка би можел да служи како филмски образец, почнувајќи од нејзиното детство кое било означено со контроверзен религиозен култ, основан од евангелскиот фундаменталист Френк Бучман од Пенсилванија.
Својот приватен живот успешно го крие од очите на јавноста, но познато е дека три пати била во брак.
Ова се 7 вредни животни лекции на Глен Клоус извлечени од нејзините интервјуа:
1. За важноста на образованието
„За мене факултетот беше буквално како вода во пустина. Едноставно почнав да растам. Студирав драма и антропологија и чувствував должност да студирам хуманистички науки.
Кога луѓето би ме прашале што треба да направат за да станат актери, јас им одговорам: „Најдете добар факултет за хуманистички науки“ - што е последното нешто што сакаат да го слушнат.“
2. За личното остварување
„Мајка ми цел живот се подредуваше на татко ми. Кога имаше осумдесет години ми рече: „Се чувствувам како да не сум сторила ништо“. Тоа беше многу тажно. Ние жените, ние сме снабдувачи, тоа е она што секој го очекува од нас. Ги имаме нашите деца, нашите сопрузи, нашите партнери. Но мораме да го најдеме она што лично ќе нѐ исполнува. Треба да ги следиме нашите соништа.“
3. За срамежливоста и интровертноста
„Како мало девојче бев неверојатно срамежлива надвор од кругот на моето семејство, а денес сè уште ја носам таа срамежливост во себе. Ја сакам тишината, а некои луѓе не знаат што да прават со неа.
Проблемот е што многу луѓе денес не знаат за што им зборува внатрешниот глас. Постојат многу гласови кои ни шепотат што треба да бидеме, како треба да размислуваме и изгледаме. Бомбардирани сме со бучава и слики и поради тоа сме заглавени.“
4. За бракот и љубовта
„Бев во многу врски и тоа беше тежок пат. Сега не барам никого. Верувам во бракови, иако никогаш не бев успешна во нив. Но исто така, мислам дека најважното нешто во животот е да се познаваш себеси, да разбереш што ти носи задоволство и да бидеш реализирано човечко суштество.
Кога сте уметник, понекогаш сте толку окупирани со вашата уметност што немате доволно емоционална енергија за другите. Затоа е, на некој начин, полесно кога си сам.“
5. За стареењето
„Годините носат слобода. Колку сум постара, толку ми е полесно да кажам не, не сакам да го правам тоа, тоа нема да ми донесе задоволство. Мислам дека честопати ги правев работите во животот поради моето чувство на должност, а сега повеќе немам причина да го правам тоа.“
6. За емоциите
„Општо земено, на мажите им е многу потешко да ги изразат емоциите. Ова е навистина голема генерализација, но мислам дека е валидна. Луѓето копнеат кон поврзување. Кога немате поврзаност и кога немате кој да ве научи како да се поврзувате на правилен начин, тоа ќе остави драстични последици на вашите животи.“
7. За потребата за одобрување
„На секој му треба одобрување од другите. Ретки се оние кои можат без тоа. Мислам дека одобрувањето им дава храброст на луѓето, како и сознание дека она што го прават за другите има одредена вредност.“
Ашера | Црнобело