Не е доволно читање популарни романи и одење во театар - Списокот на Чехов за тоа кои се културни луѓе
Да биде еден човек културен, не е доволно да чита популарни романи и да оди во театар. Тој мора непрестајно, деноноќно да работи на себе, да чита, да учи, да се труди… и веднаш да ја отфрли суетата, бидејќи секој изгубен час се смета.
Вака пишувал Антон Павлович Чехов, еден од најплодните руски писатели кој се смета за мајстор на кусиот расказ.
Според него „животот има свои услови. За да може човекот да биде прифатен меѓу образуваните луѓе, мора да биде културен.“ Тој составил список за својот помлад брат, за тоа кои услови ги исполнуваат културните луѓе:
1. Тие ја почитуваат човековата личност и затоа се секогаш љубезни, внимателни, учтиви и спремни да им помагаат на другите.
2. Сочувствителни се кон сите, не само кон просјаците и уличните мачки. Се грижат за она што не се гледа и спремни се да се жртвуваат за да им помогнат на другите.
3. Го почитуваат туѓото и затоа секогаш ги враќаат своите долгови.
4. Искрени се и ја презираат лагата. Не лажат дури ни кога станува збор за ситници. Лагата го навредува слушателот и го понижува во очите на говорникот.
Не позираат, се однесуваат исто и на улица и во својот дом, не се прават важни пред своите скромни пријатели. Не се склони кон прекумерно зборување и заморување на другите со своите исповеди. Од почит кон ушите на останатите, повеќе молчат отколку што зборуваат.
5. Не се понижуваат за да предизвикаат сожалување. Не играат на картата на туѓата чувствителност да го освојат нивното внимание. Не велат „Мене никој не ме разбира“ или „Никој не се грижи за мене“, затоа што тоа се евтини и вулгарни трикови.
6. Не патат од плитка суета. Не се грижат за лажни вредности, познанства со познати личности или да се трудат самите тие да бидат познати. Доколку направиле нешто битно, не ја прават од тоа најважната работа на светот и не се фалат дека имаат пристап онаму каде што другите немаат.
Вистински талентираните луѓе секогаш се тргаат настрана од јавната пофалба и рекламирањето.
7. Доколку имаат некоја дарба, ја почитуваат. Заради неа го жртвуваат одморот, романсите, добриот помин и суетата. Се гордеат со својата дарба, но и се многу посветени на истата.
8. Имаат развиен осет за убавото и естетското. Не одат во кревет со облеката на себе, одржуваат чистота во животниот простор. Многу водат сметка да ги контролираат своите нагони и да не го гледаат спротивниот пол само како сексуален објект.
Тежнеат кон оригиналност, отменост, човечност, се восхитуваат на мајчинските инстинкти. Не се опиваат туку пијат алкохол само во посебни прилики, бидејќи сметаат дека не се свињи. Се држат до начелата mens sana in corpore sano – во здраво тело здрав дух.
Така изгледаат културните луѓе.
(О)Милена | Црнобело