„Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи?“ - 11 години непребол од смртта на нашиот Тоше
16 октомври, 2007 година. Веста одекна морничаво и злокобно, оставајќи пустош во срцата ширум Балканот. Нашата најголема ѕвезда згасна.
Како беше да се расте со музиката на Тоше Проески? Весело, насмеано, со чувство на сплотеност. Тој беше еден од ретките изведувачи кој не си го штедеше гласот за време на концертите.
Го оставаше срцето на публиката, секој да си земе онолку колку што му е доволно и за момент да го почувствува неговиот мир. Чувството на неговите концерти беше незаменливо. Како тој да пее само за тебе, се чувствуваш уникатен, издвоен од толпата и истовремено толку слеан со неа, со музиката, со убавата енергија.
11 години непребол. 11 години музиката не е повеќе иста и не се појави изведувач ниту со приближно слична енергија како неговата.
Гласот е инструмент, тој може да се вежба, да се „штима“. Но, добрата душа, полното срце и харизмата, со нив се раѓаш. Не се купуваат, ги нема на продажба, немаат цена.
За волја на вистината, Тоше имаше апсолутно сè. Меѓу радостите и достигнувањата, и најверна публика која во еден глас, хипнотизирано ги пееше неговите песни.
Почивај во мир, драг Тоше. Нека ти е вечна славата. Дали се разбуди во светот на љубовта, без стари долгови и тие сеништа, во чекор што те демнеат?
Го заслужи тоа, заслужи ѕвездено небо и вечен спокој и мир. Сонувај, додека ние го чуваме споменот за тебе...
Потсетете се на најубавите стихови на Тоше:
Не е небо ова што ви нудат, не е сонце ко злато што свети, ако можат би го продале Бога, а на нив само еден ќе им суди.
А мојот живот е вечно паѓање, сè да се собере - пораз ќе остане, навики стари во мене.
Таа има раце, кои кријат цели светови и би умрел јас за тие прегратки.
Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи, кој во моето минато плови, сосем мирно без да се срами.
Го молам ноќва небото да ми те врати, до твоето срце студено поздрав да испрати.
Ти си тајна бескрајна како срна скриена, ноќ, ко море, бран што доаѓа, родена само за мене си ти, и за вечност дарена.
Чекорот мој води кај што си ти, сонлив град и кутре, чуваш ли ти еден куфер со сни, малку сјај за утре?
Ноќва пијам црно вино и од твоите очи поцрно, не би сакал да те сонам, а те сонам уште почесто.
Патувај љубов моја во сонот ти си мој, ангел чувар, пак ќе бидам твој.
Лажливо срце, ќе застрани лесно, во секоја ширина, пак му е тесно…
Гори, мојто срце в ноќва студена, сал‘ за тебе збори, прости којшто љуби душо, може и да погреши.
Три дена траат сите чуда велат старо правило и како в сон ќе мине сè што лузни ти оставило.
Минливо и потрошно за тебе сум, потстанар во срцето, на крај на ум - љубов ме гори, малечка.
Лесно фати ме за рака, и не мисли на светот познат, и возови што доцнат.
Рака под рака, бевме до лудост ничии, лесно без мака, верни и неверни.
Ко икона во собата ми стоиш, те милувам со очи вљубени.
Каде си, и чија си, се бега ли од спомени? Од часот што бие, од синот што спие, дал солза или две?
Божем случајно забавено и филмски, само рака подај ми и тајно стисни.
Темно е, тајно моја, а во душа светат фенери, сè што имав заложив, да ти пејам под пенџери.
Велам Лејди, имаш очи ѕвезди, остани бар ноќна заспиј ми во прегратки.
Полско цвеќе нека млад ме покрие, душа нек ми љубат облаци, кога нејќеш ти.
(О)Милена | Црнобело