Се пожалив дека како дете немав Нинтендо, татко ми ми го купи – ниту еден родител не заминува од овој свет без да направи сѐ за своето дете
Пред 2 години имав текст во којшто ги објаснувам сите мали богатства на моето детство, почнувајќи од тетрисот, ламбада сукњичката, до гумата со мирис на јаготка и стегачот во боите на виножитото.
Во еден дел појаснувам како Нинтендото беше хит на моето време и како никогаш не го добив, иако имав толку голема желба за едно.
На крајот напишав доколку некој знае каде се продава да ме извести, затоа што сакам да го имам, макар и 20 години подоцна.
Мојот татко тогаш се бореше со рак на бели дробови. Постојано читаше сè што се објавува на сајтот и нормално налетал и на овој текст.
Толку многу му паднало криво, што цела ноќ пребарувал каде може да се најде или купи Нинтендо. За човек во шестата деценија од животот со оскудно познавање на онлајн шопингот, ова навистина било труд и авантура.
Ми се јави неполна недела подоцна да ми каже дека има изненадување за мене. Без да ми падне на памет што може да биде, се упатив кон семејниот дом. И одеднаш татко ми ја извади кутијата на масата.
Со натчовечки напори, одвај ги задржав солзите. Ме преплави сета љубов и сета нежност, сета грижа и внимание што татко ми ги чувствува за мене. И во моментите кога беше најслаб, кога му беше најтешко, кога се бореше за здив, тој мислеше на мене.
Нинтендото инаку е модернизирана верзија на старото. Помало е, но ги има истите игри, со сосема истата резолуција како од времињата.
„Ама ова има 2000 игри. Така ми пишаа дечките од Фесјбук“, рече татко ми, на што остана само да го гушнам.
„И ќе играш, стварно?“
„Нормално дека ќе играм, и тоа одма, сега“, реков јас и го приклучивме веднаш на телевизорот.
Секако дека паметев каде се кријат печурките, каде е цветчето „за пукање“, и каде е скратениот премин за влез на 4-тото ниво.
На сите овие работи татко ми се смееше. Бев среќна што во тој момент, беше и тој, барем на кратко сите заборавивме на болката со која се соочуваме. Тој со својата, ние со нашата, за него.
Мислам дека секој родител е подготвен да го даде срцето за своето дете. Во ваквите тешки моменти како нашиот, родителот е буден.
И не размислува само за својата болест. Размислува за партнерот, за своите деца. За тоа што го направил, за тоа што не го направил за нив.
И сака да направи сè што е во неговата моќ, големо или мало, за да ги усреќи. Колкава е љубовта на родителот... може ли да се спореди со нешто друго толку силно? Знам дека не.
Татко ми го изгубивме пред 6 месеци. Тој ми даде апсолутно сè. Сè што имам, сè што сум, е поради него. И меѓу сите најубави спомени со него е и едно Нинтендо, колку и да ви звучи смешно тоа. Оти ете, така, му останало неубаво зошто сум го немала кога сум била дете.
И ниту еден родител не може да си замине од овој свет со мислата дека не направил сè за среќата на своето дете.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело