Да не даде Господ да треба да вратите производ во продавница во Македонија и да добиете пари назад – поскоро ќе добиете лото!

На прашањето зошто најмногу сакам да купувам облека во продавници кои припаѓаат на огромни синџири и наводно немаат никаква автентичност и уникатност, мојот прв одговор е: затоа што не сакам никој да ми дише во вратот додека разгледувам. А втората добра причина: затоа што можеш да го смениш производот или да го вратиш и да ти ги вратат парите назад без никаков проблем.

Vrakanje-proizvod-vo-prodavnica-vo-Makedonija-01.jpg

Во добар дел од продавниците во Македонија, враќањето на производи е сè уште непостоечко и се поистоветува со „лудило“ и „разгаленост“ на муштериите. Некои дури имаат и нагласено уште на самиот влез низ пишана порака: не враќаме пари, ниту менуваме роба.

Во кој свет живеете, само да ве прашам? Секоја чест на исклучоците кои си ги знаат правата на потрошувачите и културно ги почитуваат, независно дали се мал или поголем бизнис. 

Според Организацијата на потрошувачи на Македонија: „Секој производ (освен исклучоци одредени со Закон) може да биде вратен во рок од 15 (календарски) дена од денот на купување доколку истиот не е користен, по лични причини на потрошувачот (не му одговара бојата, изгледот, бројот/ големината и т.н.) со прикажување на фискална сметка или сметка парагон (на која стои називот на фирмата, името на производот, датум на купопродажбата, цена на производот и тоа да е потврдено со печат и потпис од овластено лице), и целосната амбалажа (пакување) со кое е купен производот. При враќање на производот потрошувачот може да одбере дали да му биде заменет производот со друг или да му бидат вратени парите“.

Таму се наведени и гаранцијата, како и сервисирањето на производите. Дали сте знаеле дека едно сервисирање на производ во гарантен рок може да трае најдолго 30 дена?

Доколку трговецот не го извести потрошувачот до 30-тиот ден дека производот е поправен и може да го земе, потрошувачот веќе следниот ден има право да побара замена на производот со нов или поврат на средствата кои ги платил, и нема обврска повеќе да го подигне производот кој е поправен по истекот на рокот за сервисирање.

Имаме права како потрошувачи, кои за жал, никој не ги почитува. Пред неколку години купив фустан од маалски бутик во самиот влез на зградата во којашто живеам. По неколку часа се премислив и се симнав да го вратам. Фустанот нормално беше сè уште со етикетата, не беше воопшто носен и уредно со фискалната сметка сакав да го вратам. Оттаму добив одговор: не враќаме пари! Може да се смени за нешто друго.

На мојот одговор дека не ми се допаѓа нешто друго од тоа што го имаат во моментот и дека не ми е потребно ништо друго освен фустан, ми одговорија дека нова роба ќе стигне за еден месец, па тогаш можам да одберам што сакам. А дотогаш ќе ми го запишале името и бројчето во тетратката. А парите секако ќе стојат „заробени“ во нивната продавница.

Не знам дали мислите дека сте на пазарска тезга и кој ве заштитува толку и зошто потрошувачите ви се плашат (кога живеете и заработувате од нас), но крајно време е да се свестите и да престанете со ова однесување.

Во сите останати, нормални земји, брендот ќе направи сè што е во својата моќ да не го изгуби клиентот ниту да добие лоша оценка и негативен рејтинг.

Ќе ги врати парите, дури и ќе ви го остави производот на користење, доколку не станува збор за превисока потрошена сума. Работите се заменуваат без проблем, пари се враќаат без проблем. Само кај нас ова останува вечно проблем, за кој има законско решение, но сите ги вртат главите настрана.

Ние плаќаме превисоки цени за лоши, неквалитетни производи и на крајот од денот немаме никакво право ни да се побуниме.

Сум останала со скапи чевли кои се скинале за помалку од еден месец, но поради целиот стрес што оди со враќањето и кавгите за менување или враќање на парите сум кренала раце и сум ги прежалила.

Верувам и дека не сум единствена, но ние правиме грешка. Не треба да премолчуваме. Треба да си ги бараме и остваруваме своите права на потрошувачи. Затоа што на крајот од денот ние сме секогаш во загуба, а не тие. Секако, доколку навистина сме во право, а не да правиме драма од нешто непостоечко, бидејќи има и такви потрошувачи.

Колку пати сте добиле лош мебел, неквалитетно парче облека или чевли, ташна која се распаднала по една недела за своите пари и никој не ви излегол во пресрет за замена или враќање на парите? Зошто ова второво е сè уште толку големо табу во Македонија?

Она што треба да го сфатите е дека производот и не мора да биде оштетен или нефункционален за да го вратам. Едноставно можеби не ми одговара квалитетот. И имам право да го вратам доколку не сум задоволна од истиот, доколку е неупотребен, со етикета и фискална сметка.

Колку побрзо ја научите таа лекција драги трговци, толку подобри и поуспешни продавачи ќе бидете.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобелo

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
И во Македонија има мажи домаќини, такви кои домот го претвораат во храм И во Македонија има мажи за медал. Онакви посветени на домот и семејството. Орга...
Во Македонија луксуз ни стана да отидеме во театар, на фризер и на ручек во кафеана Дојдовме во ситуација кога се молиме да не ни се најават гости, затоа што еден у...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Марко Марк за CRNOBELO лексикон: „Сакав да бидам пилот кога ќе пораснам“ „Се збогував и со двајцата крзнени другари пред една година - мојот непрежален з...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg