„Живеам сама, со пензија од 9000 денари, одвај останува да им купам по еден сладолед на внуците“
На прагот на 80-тата година, одвај го крпам месецот со пензија од нецели 9.000 денари. Животот сурово си поигра со мене и сопругот. И двајцата ја дочекавме староста со мали пензии. Но, додека бевме заедно се живееше полесно. Малку повеќе пари, многу повеќе друштво.
Го пиевме утринското кафе заедно, читавме весници, евоциравме спомени, се засмејувавме еден со друг. Се каравме понекогаш, главно за ситници, за небитни, смешни работи. Животот има своја убавина дури и во овие моменти.
Но, откако сопругот почина пред 5 години, останав со мојата пензија. Сама, со оваа трошна сума, во истиот стан во кој живеевме заедно цели 55 години. Кога ќе ги платам сите сметки, ми останува помалку од половина од пензијата. И почнувате да се прашувате – што попрво со парите?
Да, знам што мислат сите. Стара си, не ти требаат луксузи. Да не одиш на работа? Да не плаќаш превоз? Да не се дотеруваш? Да не одиш на концерти? Да не излегуваш со друштво навечер? И да, донекаде сте во право. Но, само затоа што си стар, не значи дека треба да живееш недостоинствен живот. Да бираш помеѓу апчињата за редовна терапија и лебот што го јадеш.
Староста не значи дека немаш желба да си купиш нешто за себе. Макар една нова блуза или дебело палто за зимата којашто доаѓа. Не значи дека не сакам да се прошетам со пријателките макар и во паркот кој ми е во близина на зградата и да испијам еден сок или кафе со нив. А староста во Македонија за поголемиот дел од нас е токму тоа – мизерување. Суров и недостоинствен живот. Казна.
Знам дека на повеќето сме им дојдени преку глава. Со нашите жалби, со нашите досадни приказни, со нашите емоции за минатото. Евоцираме спомени затоа што тогаш живеевме едно поубаво време. Моите спомени се тие што ме греат во деновите кога ми е најстудено, кога сум најосамена.
Секако, не се преживува со 9.000 денари. Синовите се тука да ми помогнат, иако ретко им барам пари. Сакам јас да им помогнам, но сфаќам дека тоа е невозможно. Реалноста е дека одвај можам да си дозволам да им купам по еден сладолед дневно на внуците. Секој ваков „луксуз“ за мене значи откажување од нешто неопходно, како млеко, сирење … се штеди секој денар, затоа што не може поинаку.
Не сите луѓе се скржавци. Ставете се во нивната кожа, едноставно се сиромашни. И да, ги премеруваат цените од еден во друг маркет. Тие 3 или 5 денари разлика во производите вам ви се чинат смешни, но мене ми прават разлика и логика. По одредено време и се навикнуваш. Тоа е животот, продолжуваш понатаму со главата крената горе.
Иако, достоинството одамна ни е згазено. Заборавени од сите. Никаква забава или грижа за постарите. Како одвај да чекаат сите да им се тргнеме од патот. Како да заборавија што си направил за секој од нив додека биле помали, помлади.
Пред некој ден слушнав помлада сосетка како рече: фала богу, овие старчугиве не се маткаат веќе низ автобусите! Да, сфаќам дека некои го злоупотребуваа бесплатниот превоз. Но, мора да сфатите дека за многумина, вклучувајќи ме и мене, ова беше единствениот начин за да појдам на лекар, да ги посетам децата и внуците или некоја пријателка. Не остануваат пари за превоз од малата пензија.
Толку многу работи се неправедни, не само за старите, туку и за помладите. Ја сфаќам и нивната фрустрација и тага. Единствено се надевам дека нештата ќе се сменат додека тие остарат и дојдат на мојата возраст.
За нас веќе, како било. Векот ни е при крајот, најбитно е да сте вие живи и здрави.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобелo