Кршење јајца од глава, посипување со брашно – Смачено ми е од глупави луѓе што ги правиме славни со кликови и лајкови
Дојде такво време да им се воодушевуваме на луѓе кои немаат речиси никаков суштински талент, освен да се глупираат. Славната изрека „Престанете да ги правите глупавите луѓе познати“ никогаш не била повистинит показател за денешното општество.
Сведоци сме на луѓе со десетици, илјадници, милиони следбеници на социјалните мрежи кои немаат да покажат ништо паметно. Напротив, со прост, вулгарен речник, со простотилак и непромислени, бизарни постапки како валкање во кал, посипување од глава до пети со брашно, кршење јајца од глава, неконтролирано дерење пцости, уживаат во славата којашто сме ја потпомогнале ние со нашите кликови и лајкови.
Гледаноста носи мноштво привилегии. Секој еден клик за да ја видите новата бизарна глупост на некој јутјубер – што од љубопитност, што од сеир, за нив значи: нов автомобил, стан, скапа облека и чевли, луксузни часовници.
Притоа, тие едноставно не се грижат каков впечаток и какво влијание имаат на децата што гладно ги голтаат нивните содржини. Тие само сакаат да се богати и славни и не бираат начини да го постигнат тоа. Тие се персонификацијата на невкусот и кичот, уништувајќи цели генерации деца, без да кажат нешто паметно.
Немам ништо против овој тип на луѓе кои на некој начин успеале во животот. Имам против она што го претставуваат. Тие едноставно даваат пример дека не треба да работиш чесно и напорно за да постигнеш нешто во животот. Не треба да се трудиш. Доволно е да седнеш во столчето, удобно да се сместиш, да играш 12 часа видео-игри секој ден и да ти исплатат половина милион долари на крајот од месецот. Како да е тоа најнормалната работа на светот.
Ти што учиш и истовремено работиш напорно за да ги оствариш соништата излегуваш на крајот глупав, затоа што не си го фатил краткото патче до среќата.
Зошто би учел некој? Доволно е малку да се разголиш, да треснеш глупост (или пет), да се смееш дури и кога нема ништо смешно, да измислуваш „топла вода“ и да живееш од срценца на Инстаграм и кренати палчиња на Јутјуб.
Секако, има и исклучоци кои креираат практични, креативни содржини кои се од корист. Ироничното е што тие никогаш нема да бидат толку популарни како плиткоумните што се главно неписмени и непромислени (со чест на исклучоци). Слично како во реалноста, квалитетот никогаш нема да го надмине квантитетот, овој пат – на глупостите.
Дали овие луѓе сериозно ја заслужуваат славата, парите и вниманието? Дали направиле нешто добро со профитот или постои само за да ги задоволи нивните алчни, ненаситни потреби?
Преку глава ми е од глупави луѓе што ги правиме славни. Прашањето ми е – кога ќе заврши ова?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
Автор: (О)Милена | Црнобелo