Жена на жена си е најголема непријателка – нема да ви се распадне устата ако ѝ кажете еден убав збор на друга жена
Преплавени сме со некакви си „стандарди“ за привлечност и убавина. Големи гради, тенок струк, малку пошироки колкови, долги, тенки нозе. Мазно тело, без стрии, без целулит. Нежно лице, крупни очи, ламинирани веѓи, долги, извиткани трепки, задолжително долга коса.
Сè што отскокнува од шаблонот, наместо да го славиме и да му се восхитуваме, ние го дочекуваме со сомнеж, со потајно непријателство. Наместо да си ги славиме различностите, ние ги осудуваме. И постојано сме во потрага на изнаоѓање мани кај други жени.
Небаре тоа ни ја зголемува сопствената вредност и самодоверба. Не, само ни ги поткопува стравовите и докажува колку сме несигурни во себеси.
Што точно ќе добиеш ако ѝ предочиш на некоја жена за црвенилото на нејзиното лице, или пегите од сончевите зраци или некоја алергиска реакција или акните на кожата? Мислиш дека не знае, дека не е свесна, дека не се погледнала себеси во огледалото пред да излезе на работа?
Што е поентата во постојаното истакнување на нечии недостатоци? Дали е можно да ве храни ваквата деструктивност и токсичност? Дали ви се прави денот ако ѝ кажете на пријателката дека се здебелила? Дека косата денес воопшто не ѝ е убава, дека се гнасите од нејзините стрии или целулитот? Дали ваквите изјави ве прават посреќни со себеси? Успевате ли да заборавите на сопствените маани и недостатоци?
Бидејќи верувајте дека ги имате. Не сте совршени. Не сте попаметни, посигурни во себе ако кажете некаков лош збор за нечиј надворешен изглед. Напротив, ова ве прави неверојатно злобни, бесчувствителни хиени, жедни за крв, преполнети со омраза.
За промена, обидете се да се воздржите од злобни коментари. Излишни сте. И онака многу луѓе имаат проблем со самодовербата, не им требате вие дополнително да им ја разнишувате. Ако имате да кажете нешто убаво, кажете го. Во спротивно, молчете си.
Но, зошто не би кажале нешто убаво? Нема да ви се распадне устата. Секој има сопствен печат, некаква убавина во себеси. Зошто не би ја нагласиле? Нема да ве чини ништо, освен еден убав збор. Тој ден ќе бидете причината за нечија насмевка. Ќе му го направите некому денот поубав. И ќе ви биде благодарен.
Зошто да бидеме непријателки, кога може да се поддржуваме едни со други, да се прифатиме и да станеме посилни?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобелo