Намалете доживување совршени жени на Инстаграм, далеку сте од нашите „селски“ мајки од времињата

Изразот „жена-мајка-кралица“ создаде таква одбивност кај мене, што кога ќе го прочитам автоматски знам од прилика дека личноста е далеку од описот. Евентуално се замислува навистина кралица, бидејќи целиот свет мора да е послан пред неа, а сите поклонети пред нејзините нозе.

Daleku-ste-od-nasite-selski-majki-01.jpg

Мене ми е јасно дека живееме во модерно, стресно и напорно време и дека не може да се постигне баш сè. А впрочем, никој и не го бара тоа од нас. Бркај си ја работата, биди си среќна во животот и задоволна од себеси. Нели е тоа најбитно?

Ама Фејсбукот и Инстаграмот станаа платформи на своевиден натпревар помеѓу жените – која најбрзо ќе ослаби по породувањето.

Која го дои бебето, а која го ставила на адаптирано млеко (види ти немајка!). Која најбрзо се вратила во топ форма по породувањето. Чии деца се најдобро и најскапо облечени. Која мајка го има најдоброто видео на Тик-Ток (Господе, прости им).

Која го зготвила најдобриот ручек, која успеала да извежба повеќе од другите … списокот е бесконечен.

И повеќе од половина од работите се толку површни. И не можам да сфатам зошто им наметнувате грижа на совест на другите „неспособни“ кога добар дел од тоа на коешто губите енергија е толку смешно и безначајно, што боли. Ама во вашиот свет вие сте кралици, а децата принцови и принцези.

Не е битно што на 10 години не знаат да кажат едно „добар ден“ или не можете да ги оставите 2 часа сами дома од страв да не ви ја запалат куќата.

Што ги развозувате како некои таксисти за растојание од 200 метри. Бидејќи времето денес не било она од порано, денес било несигурно, имало криминал. Па живеете во Аеродром опкружени со 10 паркови околу зградата, не во гангстерски Бронкс.

Нејсе, една од ваквите модерни „жени-мајки-кралици“ ми рече пред некој ден како ѝ било многу жал што не сме растеле во време како денешното, а нашите мајки, селски и помалку образовани, биле далеку од денешните мајки.

Право да ви кажам, моето време беше далеку од совршено време. Не го идеализирам. Имаше беспарица, стресови и проблеми и нашите родители немаа книга за детска психологија за да ги подучи да скријат кога се немало пари.

Ќе ти кажат – НЕМА ПАРИ за тоа и тоа, и крај. Па ти живеј со „траумата“. Речиси ништо не се криело од нас, ни убаво ни лошо, па сме задоени и растени со многу реалност и самокритична мисла.

Тоа денес се смета за нездраво. Како така детето да знае дека немаме доволно пари? Ако треба ќе подигнеме и 10 кредити, ама ќе расте како бубрег во лој, ќе лае на ѕвездите, ќе му се купи сè што ќе посака. Ќе живее во меур од лажна сапуница, а кога ќе пукне меурот, тогаш не знаеме што понатаму.

Да, немавме којзнае какви родендени. Сок – црн или жолт. Еклер или индијанка. Сите по 50 денари (луксуз) и роденденецот нека си купи што сака (речиси секогаш нешто скромно). Не памтам мајките да се натпреварувале која ќе купи поскап подарок за роденденот на некое другарче.

Дури и помалку образовани и „селски“, нашите мајки ни дозволуваа да растеме, да бидеме деца, да бидеме што е можно повеќе самостојни и да се бориме.

Никогаш не излегла мајка ми да се расправа со некоја друга затоа што сме се степале со другарката на улица. Ваквите конфликти денес стигаат и до весници. На крајот и родителите ќе се степаат во одбраната на своето дете.

Детето практично ништо не може да направи само. Тоа ам – ти дам. Ти се јаде, што да ти зготвам, сакаш нови патики, овие ти се стари веќе 5 месеци … да може да дишете место нив ќе земете да го направите и тоа.

Сè под превезот на безграничната мајчинска љубов, а божем нашите мајки незаинтересирани, оперирани од неа. Пресмешно.

Секако дека нашите мајки умееја да сакаат. Можеби и подобро од вас. Едноставно знаеја каде да ја насочат енергијата, а каде да одморат. И покрај сите можни обврски, успеваа да сработат и направат многу повеќе од денешните самопрогласени кралици.

Па никаде не кренаа врева. Никаде не развеаја знамиња. Никаде не побараа специјален орден за тоа.

Така што, благодарам на понудата, ама моето детство и мојата мајка од „тоа време“ не ја давам за ништо. И на 55 години може да ја победи денешната самопрокламирана „жена-мајка-кралица“ во секој поглед од животот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобелo

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg