„Да јаде пица, да пие пиво, ама да биде згодна“ – нереалните желби и очекувања на мажите
Мажите сакаат девојки кои се шминкаат, но не претерано. Девојката да биде „брат“ тип на другарка, но во разумни граници. Подобро е да биде женствена, но да не претерува со феминизмот и да биде напорна.
Да биде паметна, но тоа да не го удира машкото его. Да биде убава, но никако нарцисоидна. Сепак, да не биде пожелна и посакувана од другите, бидејќи станува збор за љубоморен маж околу неа.
Почетокот е инспириран од еден српски твит, но ние апсолутно можеме да ја прошириме темата.
Какви други контрадикции се плеткаат во умот на мажите?
Да јаде сè што јадам и јас, од пица до сендвичи во ниедно време навечер и задолжително да сака да пие пиво, ама да биде згодна. Како одат тие работи едно со друго, еве не знам.
Да биде самостојна, но да ѝ биде потребна истовремено и мојата помош. Да покажува емоции, ама да не ми плаче на песни, филмови и реклами.
Да биде искрена, сè додека не ми го кажува бројот на сексуални партнери кои ги имала пред мене. Јас и не ја поднесувам баш мајка ми, ама девојката не смее да ми каже ништо лошо за неа.
Да зборува, но не премногу. Да биде насмеана, но да не го прави тоа прегласно. Да биде добра во кревет, но не премногу добра (којзнае со колкумина спиела пред мене?!).
Да биде успешна, но не повеќе од мене, да умее да заработи, но сумата никако да не ја надмине мојата плата...
Со цел да не биде ова еднонасочна улица, ниту дел од жените не се подобри во сопствените контрадикторности во врска со спротивниот пол.
Сакаат мажи кои се однесуваат добро и љубезно кон нивните мајки, но не и мамини галеничиња кои се грижат за нив. Сакаат внимание, но само доколку тоа е изразено преку вечера во добар ресторан или скап, луксузен парфем или накит.
Сакаат спортисти, но не и момчиња опседнати со фудбалски натпревари или видео-игри. Сакаат некој кој ќе биде автентичен и свој, но постојано го споредуваат со други.
Тврдат дека се во потрага по нормален, „обичен“ дечко, а секогаш „паѓаат“ на оној кој се однесува најлошо со нив и ги повредил многупати, што не вреди ни името да му го споменат. А сепак, му се враќаат нему.
Во потрага се по некој кој не е посесивен, а во првата прилика кога момчето нема да покаже знаци на љубомора веднаш се лутат. Не им е битно како е облечен, но потајно му бираат парчиња за во плакарот.
Сакаат да имаат сопствена слобода, но да го контролираат партнерот. Од „женкарот“ да направат верен човек. Од тивкиот, повлечен тип да направат екстроверт кој лудо ќе се забавува до раните утрински часови.
Не сите мажи и жени се вакви. И фала му на бога за тоа. Но, размислете за овие контрадикции и дали сте покажале знаци за некоја од нив. На крајот од денот, навистина никој не е совршен. Луѓето не се совршени. Љубовта не е совршена. Сите прават грешки.
Поентата не е да биде совршено. Поентата е да биде реално. Некој да ве сака и прифаќа онакви какви што сте. И вие да го прифатите другиот без да сакате да го смените до непрепознатливост.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобелo