Каков е тој пријател што наместо да ти искаже сочувство за загубата ти зборува за неговите маки?
Една мала, поучна приказна за (не)пријателството драги луѓе. Ноќта како татко ми почина, мајка ми, помеѓу другите луѓе, му заѕвонила и на еден од најдобрите пријатели на татко ми.
Тој не ѝ кренал. Не дојде ниту на погребот. Во ред е, сепак е време на пандемија и не можеш да очекуваш да дојдат сите. Сосема разбирливо е, не е за осуда. Но тој не се јави. Ниту пак пиша порака.
Пред неколку дена, мајка ми случајно го сретнала човекот на улица. Пружил 3 прста, како сакат, и со половина уста ѝ рекол дека знаел зошто му ѕвонела, но едноставно не можел да крене, бидејќи му било многу лошо и тешко. Замислете, нему му било лошо и тешко. Како ли тогаш ни беше нам?
Веднаш после тоа, преминал на неговите маки и проблеми. Тука, на сред улицата, ја заморувал жената која се враќала од гробишта, облечена во црно од глава до пети, на сонце кое пукнало да жежи, со неговите маки.
Па се расприкажал на долго и на широко, како му било лошо, каде се снимал, дали да закажел или да не закажел операција... ниту збор за тоа како му беше на татко ми и агонијата која ја помина човекот. Ниту едно прашање упатено до нас – како ни е, добри ли сме. Како се држиме, ни треба ли нешто... ништо.
Уште на крајот ја испратил со зборовите дека можеби ќе ја побара, доколку му биде потребна, затоа што мајка ми е медицинско лице.
Знаете што е најпоразителниот момент? Добивме пораки и повици од луѓе кои сме ги виделе одвај 3 пати во животот. Сме се запознале случајно некаде, на викенд, на одмор, и после тоа сме се виделе одвај неколкупати. Тие луѓе ни се јавија. Тие луѓе нè прашаа како сме. Тие луѓе ни рекоа дека ако ни е потребна помош можеме да им заѕвониме кога било, во секое време.
Пријатели со кои не сме биле особено блиски, роднини од други држави со кои ретко се слушаме. Соседи со кои сме имале само едно културно здраво. Мојата учителка од прво до четврто одделение успеа да ми се јави. Но, овој, пријателот, за кого татко ми си ја раскости душата, не успеа да праша ниту како беше тој, ниту како сме ние. Ниту додека татко ми беше болен, ниту откако замина од овој свет.
Кога ќе помислам само што не направи за него и неговата сопруга, душата ми се кине од мака. Дали го заслужил тоа? Каде ви отиде човечноста и емпатијата?
Навистина, човекот учи додека е жив. И 15 и 25 и 55 години не се предоцна да раскрстите некое вакво „пријателство“. Не ви е потребно. Подобри сте без него.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобелo