„Маж ми ме изневерува! - Период е, ќе ти се врати, не ѝ го оставај на таа!“ - Македонија вечна
Неодамна прочитав текст каде жена од Македонија се исповеда дека го фатила сопругот на неверство. И тоа не ме зачуди. Но, она што ме зачуди беа коментарите под текстот каде голем дел од жените ја советуваа да си молчи и да не го остава сопругот.
„Период е, остави го да се издува, ќе ти се врати, не ѝ го оставај на таа никаквица, ќе победиш ти“, беа дел од коментарите.
Каква црна победа? Кога овој брак веќе доживеал пораз штом тој решил да спие со друга.
Какво форсирање на мртва љубов? Какво простување, па потоа неможност да си простите себеси што се осудивте на живот со никаквец?
Ако не му бевте доволни со тоа што му ја подаривте младоста, му подаривте деца, му бевте ветер во грб во кариерата, го тешевте кога беше скршен, го лечевте кога беше болен, тогаш слободен е.
Истата вечер, овде и сега. Навистина нема потреба да минете живот во брак на хартија.
Навистина нема потреба да го мислите каде и со која спие сега.
Навистина нема потреба да се јадосувате дека не сте доволно слаби, убави, секси, авантуристи за тој да посака да има секс со вас, а не со некоја друга.
Навистина нема потреба да чекате да му помине „периодот“ за да ви се врати.
Навистина нема потреба да го делите креветот со маж кој мириса на друга.
Навистина нема потреба од брак во кој тој спие со вас, а претходно имал секс со друга.
Навистина нема потреба да се чувствувате како недоволно жена.
Навистина нема потреба да се чувствувате отфрлено, непосакувано, недоволно.
Навистина нема потреба да си ја прокоцкате шансата за љубов и среќа со некој друг.
Навистина тој не заслужува прошка.
Навистина нема потреба да имате грижа на совест што ќе го оставите.
Навистина тој сам е виновен за своите постапки.
И навистина ова не му е прв секс надвор во бракот. Само првпат е фатен на дело.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / Фото: depositphotos.com