Тропска горештина, Патот за Авонли, Племето – сериите кои го одбележаа нашето детство во ’90-тите
Доколку не сте изгледале барем една од наведените 11 ТВ серии, очигледно не сте дете на ’90-тите. Се сеќавам дека се лепевме пред телевизорите во моментот кога ќе ја слушневме познатата музика – воведот на Беверлис Хилс или онаа на Тропска горештина.
На колку од следните серии се сеќавате и какви спомени ви будат?
Avonlea (TV Series 1990 – 1996)
„Авонли“ или оригиналниот наслов „Патот за Авонли“ брои вкупно 7 сезони, а снимањето заврши во 1996 година. Сара Стенли, ќерка на почината Рут која важела за бунтовничка во фамилијата стигнува на имотот на семејството Кинг, во малото место Авонли на островот Принц Едвард.
Таму се соочува со најстарата од кланот Кинг, нејзината тетка Хети со која постојано запаѓа во конфликти и несогласувања поради нејзините ригидни методи на воспитување.
Tropical Heat (1991 – 1993)
Оваа исклучително популарна серија, особено на нашето поднебје, нè водеше низ авантурите на Ник Слотер, кој откако добива отказ се сели на Флорида и отвора детективска агенција. Случаите ги решава заедно со помош на Силви Џерард, туристички агент и неговиот пријател Спајдер, сопственик на барот Tropical Heat.
The Tribe (1999 – 2003)
Тинејџерската серија имаше вкупно 5 сезони. Во неа, смртоносен, мистериозен вирус ја убива постарата популација. Светот им останува само на младите и децата кои мора да се соочат дека се сами и дека треба да преживеат во светот во којшто нема ниту еден возрасен човек.
Are You Afraid of the Dark? (1990 – 2000)
Серијата која беше неизбежен дел од зимско-рекреативната програма има неверојатно висок рејтинг од 8.2 на Imdb и брои вкупно 7 сезони. Шестмина пријатели, 3 момчиња и 3 девојчиња се собираат заедно во шумата и раскажуваат страшни приказни околу огнот.
My So-Called Life (1994 – 1995)
Навистина не е потребен специјален вовед за Анџела Чејс, 15-годишната црвенокоса девојка која ни ги украде срцата. За жал, серијата има само 1 сезона, што секако не ја прави помалку добра, особено што во неа имавме можност да го видиме младиот Џаред Лето.
3rd Rock from the Sun (1996 – 2001)
„Третиот камен од Сонцето“ дефинитивно се вбројува во еден од најсмешните ситкоми на сите времиња. Не можеме да се одлучиме што беше подобро – сценариото, ликовите или глумата, па ќе речеме дека сè беше одлично. Серијата брои 6 сезони, а група вонземјани доаѓаат на Земјата, каде што заземаат човечки облик и треба да дадат извештај за животот и навиките на третата планета од Сонцето.
Party of Five (1994 – 2000)
Серијата одбележа вкупно 5 сезони. 5 браќа и сестри мора да се соочат со животот без нивните родители, бидејќи и двајцата се починати.
Charmed (1998 – 2006)
Иако започна кон крајот на 90-тите, сепак ја вбројуваме и оваа серија која го одбележа нашето детство. Авантурите на Пајпер, Фиби и Пејџ, трите сестри кои ќе дознаат дека имаат натприродни моќи.
Sunset Beach (1997 – 1999)
Серијата официјално има 1 сезона која брои неверојатни 571 епизода. Не сме сосема сигурни дали го дочекавме крајот на нашите ТВ екрани, но сепак го знаеме барем почетокот. Младата Мег Камингс открива дека нејзиниот вереник бакнува друга жена и на денот на свадбата го остава, и се сели во Калифорнија со цел да започне нов живот.
Beverly Hills, 90210 (1990 – 2000)
Серијата која апсолутно одбележа цела една декада со вкупно 10 сезони нè воведе во приказната на Брендон и Бренда, близнаци кои се доселуваат со своите родители во Беверли Хилс, Калифорнија и се запознаваат со Дилан, Стив, Кели, Дона, Андреа и Дејвид.
Lois & Clark: The New Adventures of Superman (1993 – 1997)
Сите бевме вљубени во Лоис Лејн и сите бевме вљубени во овој Супермен. Серијата брои вкупно 4 сезони, а ова е улогата и серијата којашто ја прослави Тери Хачер, за сите оние коишто ја поврзуваат само со „Очајни домаќинки“.
(О)Милена | Црнобело