Нема ништо послатко од скара на мала тераса, а им симнувам капа на домаќинките - работи на кои се потсетив за време на изолацијата

Научив дека има нешто навистина убаво во седењето дома. Се потсетив колку малку време поминуваме со децата кога одиме на работа и во целиот хаос од секојдневието. 

deka-uzasno-me-nerviraat-motorite-na-partizanska-a-im-simnuvam-kapa-na-domakinkite-raboti-na-koi-se-potsetiv-za-vreme-na-izolacijata-01.jpg

А, дека времето со ќерка ми е најскапоцено и не би го менувала за ништо на светот. И играта. И нејзините секојдневни промени. Нови зборови. Насмевки. Најубаво.

Сфатив дека постојано сме во некое брзање. Да не доцниш на работа, да стигнеш дома на време за да искористиш барем еден час кога детето не ти е кенкаво, да одиш во маркет, на нокти, на фризер, да стигнеш на ручек со еден, со друг, со трет, да пиеш 3 кафиња со сите пријатели во денот, да побрзаш да фатиш сонце, да переш автомобил, да чистиш дома, да средуваш секој ден... Како во бубањ. Некако, не сме наоѓале време за мир и тишина.

Сега сфатив колку е скапоцена тишината. Најубаво ми беше кога почнуваше полицискиот час во 16 часот. Кога ќе секнеше бучавата од моторџиите на Партизанска. Па на раат ќе си седнеш и испиеш кафе или чаша вино во мир на тераса. И сите комшии уживаа во мирот на своите тераси кои инаку ретко ги користат.

Се потсетив колку е важно да го имаш покрај себе вистинскиот партнер. Со кој ќе уживаш секој ден и со кој нема да ти биде тешко да седите сами со денови туку ќе ви биде убаво. Нема да викаш едвај чекам да помине ова и да не сакаш да бидеш присутен дома.

Сфатив дека еден куп работи ми стоеле незавршени со месеци токму заради тоа што постојано сум трчала да стигнам секаде. Работи од типот средување на кујната, плакарите, сортирање стари алишта, организирање на шпајз... работи кои кога ги средив ми беше големо олеснување.

Комшиите го уредија дворот – 5 квадрати земја кои што ги имаме на паркингот. И сега сите со мерак ги полеваме цвеќенцата.

Сфатив колку одамна немав седено и слушано музика. Без да правам ништо друго. Или едноставно да танцувам низ дома.

Дека готвењето може да биде вистинско уживање.

Дека да се биде домаќинка е 10 пати потешко отколку да одиш на работа. И секоја чест на жените кои се одлучиле во животот да го прават само ова. Дека во 20 часот си капнат од чистење, перење, готвење, играње...

Дека нема ништо послатко од скара направена на малата тераса. Од ладно пиво штотуку доставено до врата. Дека месење леб и кифли не е некоја филозофија. И дека гравче ако не го направиш од вечер нема шанси да стигнеш да го направиш после работа – бидејќи нели, 2 часа.

Се потсетив дека треба повеќе да ги чуваме родителите. И да им посветуваме повеќе внимание. Особено на оние постарите.

Дека би било одлично во вакви времиња да живееш во куќа со дворче, но и дека и во станчето не е лошо – ако си направиш да ти биде секогаш убаво.

Дека е убаво да ги правиш работите полека, без да брзаш некаде. Да не брзаш да се најадеш за да излезеш, да не брзаш да се избањаш за да имаш време да се фенираш, да не брзаш да станеш порано, да се облечеш за да не задоцниш со дневните обврски.

Да не трчаш по маркети секој викенд... да уживаш на раат во утринското кафе со мерак подготвено дома.

Дека е навистина убаво кога целото семејство ќе се собере пред телевизорот за да гледа Бушава азбука. Во точно време. Не на YouTube.

Се потсетив и дека произведуваме огромна количина на ѓубре. Огромна. Особено кога бевме по цел викенд дома. Греота планетава...

Времето навистина летна брзо. Дали бидејќи се навикнуваш на секојдневието, дали бидејќи ти е убаво – не сум сигурна.

Но, во целава оваа ситуација драго ми е што можам да кажам дека ми годеше ваков „ресет“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg