Зошто си сама? Зошто си со партнер? 1000 зошто, 1000 затоа… а зошто не си го гледате своето гајле?
Леле, колку многу шминка имаш на лицето! Леле, како може да шеташ ваква исплакната, без грам шминка на себе?
Ама си дебела. Ама си слаба. Шифоњер си. Костур си. Многу зборуваш, уста не затвораш. Многу молчиш, ништо не кажуваш, зборовите со клешти ли треба да ти ги влечеме?
Зошто не се запиша на факултет? Аман сега и докторат ли ќе спремаш, уште ли ќе учиш, не ти е доста? Ич не работиш. Премногу работиш.
Земи излези малку, прошетај го светот. Леле, не се прибра со тоа куферите, аман скраси се дома.
Зошто немаш деца? Зошто само едно? Леле, две деца, а исти … што, одиш на трето, ти будала да не си?
Зошто не си мажена? Зошто се омажи толку рано?! Зошто чекаше да се омажиш толку доцна? Зошто живееш под кирија, не ти е подобро да плаќаш рата за кредит со таа сума? Е зошто си земала стан на отплата, сега 30 години роб ќе му бидеш на станот, бел ден нема да видиш.
Зошто јадеш толку здрава храна? Зошто јадеш брза храна? Зошто носиш кратки сукњи? Зошто бре еднаш сукња не облечеш, да заличиш на женско?
Зошто толку често ја фарбаш косата? Зошто шеташ бе ваква побелена со толку подраснат корен? Зошто си „плавуша“, не е во мода … зошто си црнокоса, не е во мода. Зошто ја пеглаш косата, поубава ти е виткана … аман со тоа локните па и ти, друга фризура не знаеш.
Зошто мачкаш само бекутан на лицето? Зошто трошиш толку пари на скапи креми за лицето? Зошто одиш на работа пеш, зошто не возиш велосипед? А ти зошто се возиш сама во автомобилот?
Зошто не се разведе … зошто си разведена? И мислиш дека ќе си најдеш сега некој, со бивш маж и дете? Зошто работиш за толку малку? Зошто ти е битно да земаш толку голема плата, ненаситна ли си за пари?
Зошто си сама? Зошто си со партнер? Зошто не знаеш да зготвиш едно просто јадење … зошто не излегуваш од кујна, умирисана на кромидосани манџи?
Зошто решаваш сè сама? Зошто за одлуките постојано мора да се консултираш со некој друг?
Зошто имаш толку малку секс? Зошто имаш толку често секс? Зошто ти е побитно семејството, а не работата? Зошто ти е побитна работата, а не семејството?
Зошто, зошто … илјада зошто, илјада затоа … а зошто не си го гледате своето гајле?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело