„Убава си, убаво си облечена, но прозбори да видам каква си навистина“
Десанка Максимовиќ, омилената српска поетеса, е креаторот на оваа мисла која му дава толку многу смисла на животот.
Навистина, убава си. Преубава девојка, со долга коса, бисерно подредени заби во низа, прекрасна насмевка. И убаво си облечена. Секое парче кое го носиш е одбрано со вкус и внимание.
Но, прозбори. Па тогаш ќе видиме каква си навистина.
Толку многу време и внимание им обрнуваме на надворешните детали. Што сите го забораваме најбитното – каков е човекот одвнатре.
Не знам колку пати сме го повториле ова и не знам колку пати луѓето ни се изнасмеале. Дека сме идеалисти. Дека живееме во некој свет-утопија и дека карактерот и внатрешната убавина не го вртат светот.
Јас велам дека го вртат. Барем мојот свет. Барем светот на паметните, добрите, нежните и воспитаните луѓе. На оние кои не се опседнати со надворешната убавина и очајување по некој совршен изглед како на фотошопирана кукла од насловната страница.
Да, она што е убаво му годи на окото. Секој ќе се заврти по него. Очите се гладни за убавина. Но доколку таа убавина е внатрешно празна, приказната завршува тука.
Со убавината ќе стигнеш само донекаде. Со карактерот ќе стигнеш многу подалеку. Со шармот и харизмата дури и преку целта.
Со насмевката, искреноста и интелигенцијата ќе си многу повеќе од „само една убава девојка“. Ќе си човек. Зарем тоа не е побитно? Зарем тоа не е најбитното нешто, смислата на целиот живот?
Прозбори. По начинот на којшто зборуваш ќе видиме што памет носиш во главата. Колку си начитана, колку си надарена за изразување, како си воспитана…
Како се однесуваш кон другите луѓе. Ќе те оддадат гестовите, постапките. А некој исто така рекол дека луѓето најдобро се издаваат себеси кога мислат дека никој не ги гледа и дека нема никој околу нив.
Дали ќе подадеш рака некому. Дали ќе помогнеш, дали ќе се насмееш. Дали устата ќе ти срони бисер или неубав збор … кога влегуваш во просторијата дали ја осветлуваш, дали луѓето сакаат да останат подолго покрај тебе или да си заминат што поскоро?
Затоа што не е сè во облеката и чевлите и накитот и шминките. Не е ниту во марамите и парфемите и часовниците и чантите. Може да си најдотераната, најубавата девојка, накитена, а толку многу празна. А можеш да го освоиш светот само со умот на раменици, во најобичните фармерки и патики.
Сепак, не е важно што носиш. Прозбори. Само прозбори. И така ќе видиме навистина која си.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело