Сите сме на грбот на продавачите, магационерите, хигиеничарите и медицинските лица – тивките херои на општеството

Секоја професија има своја тежина. Но, се чини дека во ова време-невреме на пандемија некои професии носат многу повеќе на својот грб отколку останатите.

Tivkite-heroi-na-opshtestvoto-01.jpg

Оставени сме на милоста на продавачите. Маргинализирани, ранливи групи чиј лик не го забележувате, чиј глас не го паметите. Се брзате да испазарите, да ја поминете побрзо картичката и да се приберете дома. Барем тоа ни беше навиката во минатото.

За вас е одмор, за нив работна недела. За вас се празници, за нив неуморно местење производи на полиците, подавање сметки и трпеливо објаснување колку треба да доплатите за да ја купите таа тава со вашите купони.

Тука се и магационерите, луѓето коишто ги доставуваат производите. Да не беа тие, да кренеа раце и да си чучнеа дома, ќе се прашавме дали ќе имаше нешто за купување во продавниците.

Потоа хигиеничарите. Оние коишто неуморно го поминуваат подот најмалку 5 пати во денот и дезинфицираат до изнемоштување. Оние чии раце се веќе излупени од бришење и пребришување. И нивните ликови не ги паметиме. Тие се практично духови, поминуваат околу нас, но никогаш не сме помислиле за работата којашто ја вршат, за трудот којшто го вложуваат.

Најчесто безумно може да се слушне – па, што, платени се за тоа! Платени?! Да не даде Господ да ве плаќаат онолку колку што ги плаќаат овие лица. Па да го видите вистинското, сурово лице на животот. Животот на продавачките, магационерите, хигиеничарките, жените коишто работат во конфекции.

Дали знаете колку храброст и кое големо срце треба да го имаш, за да работиш смената во шивалната, да дојдеш дома, капната од умор, и да продолжиш да шиеш заштитни маски за најблиските?

И за луѓе чии лица никогаш не си ги видел во животот, само поради желбата да помогнеш. Срце – планина. На многумина нема да им бидат доволни ниту два животи за да го достигнат и сфатат тоа ниво на емпатија за другите.

Стана некаков тренд да се излезе на терасата и да се аплаудира во знак на благодарност кон здравствените работници. За докторите, медицинските сестри, аптекарите… и тоа е убаво. Тоа е прекрасно.

Но, од аплаузот, да бидеме искрени, нема фајде. Ќе се почувствуваш убаво за момент, а понатаму ќе ти се врати грчот во стомакот, како излегуваш од дома, по сонце, по дожд и по снег, за да стигнеш на работното место, да се замоташ како во скафандер и да се грижиш за пациентите.

И не ти излегува мислата од глава, да внимаваш, да се пазиш, затоа што не си сам. Дома имаш семејство. Имаш деца, имаш маж, жена, стари и болни родители. Имаш луѓе што припаѓаат во ризичната категорија. И најмалата грешка може да те чини многу скапо.

Колку вреди ова пресметано во денари? Може ли да ја определите сумата која ќе ве натера да излезете од дома, да поминете дупла смена во болница и да се вратите дома покрај најблиските, не знаејќи дали можеби го носите вирусот во себе?

Повеќето ќе кажете – ги нема тие пари на светот што ќе ме натераат да го направам ова. А, за медицинските сестри, за оние кои ги нарекувате со секакви погрдни имиња, за коишто важат апсолутно најлошите стереотипи, што имате да кажете сега?

И покрај сè, повторно излегуваат од дома. Заедно со докторите и фармацевтите и тука се, да ве услужат, да ви помогнат. Како да заборавиле на сите погрдни зборови, на целиот потсмев кон нивната професија, како се само „среднисти“, неспособни, мрзеливи, алчни и корумпирани…

Ние сме народ со екстремно кратка меморија. Убавото ќе го споменуваме со години, лошото ќе го заборавиме за ден. Ќе дојдат подобри времиња. Ќе помине короната, не може да трае вечно.

Но, она што не сакам да го заборавиме е фактот дека овие луѓе го носеа целиот народ на својот грб во најтешките времиња. И дека и нивните професии се важни, достоинствени, толку многу потребни и покрај модерниот век во којшто живееме. Нема апликацијата да дојде и да ти удри инјекција. Биди сигурен во тоа.

И тогаш, и покрај аплаузот, треба да ги наградиме и со многу повеќе. Со поголеми плати и придонеси. Со поголемо разбирање и признавање на нивните професии. На тие „среднисти“ со коишто најчесто се потсмеваме.

Бидејќи тие тивки херои на крајот ќе бидат оние коишто ќе ни го спасат животот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg