Кога ќе дојдат тешки времиња...
Кога ќе дојдат тешки времиња, треба да застанеш, да се смириш, да почекаш да поминат. Да се вратиш на основните работи, да успориш.
Светот толку е задишан, забрзан, лудило, брзина, 10 работи правиме одеднаш, со 10 луѓе зборуваме истовремено, јадеме на нога, пиеме кафе од картонски чашки, додека се пробиваме низ градската гужва, децата ги учиме да скролаат по екраните пред да ги научиме да држат лажичка, се прејадуваме и се прегладнуваме и така во круг...
Се вежбаме, вртиме канали од 1 до 500 не знаејќи веќе што да гледаме, ја полниме главата со непотребни информации, ние можеме сè, мораме сè, и тоа веднаш. Брзина, брзина и само брзина.
А, тогаш се случува нешто што те опоменува да застанеш.
Да се повлечеш.
Да се затвориш дома.
Ти дава можност да ги преиспиташ приоритетите.
Да се затаиш и исклучиш од светот.
Малку да бидеш старомоден.
Да го успориш темпото.
Велат дека во секое зло има нешто добро. Фокусирајте се на тоа добро, додека лошото не помине.