4 работи кои посакувам некој да ми ги кажеше кога го загубив татко ми
Можам да проценам личности по многу работи. По начинот на кој возат. По начинот на кој гледаат низ прозорецот без всушност навистина да видат нешто. Возејќи со во возот кон дома, гледав низ прозорецот, слушав албум од Битлси и плачев – липав.
Што кажува ова за мене?
Поминаа 7 години откако почина татко ми. Понекогаш, да - изгледа како да поминале 7 години, но некои денови, како денес, ми се чини како да поминале само 7 дена. Имав 15 години. Бев млада и несигурна. Фактот што го изгубив мојот водич во животот имаше навистина големо влијание врз мене.
Ова се четири работи кои сакав навистина некој да ми ги каже кога ми се случи ова во животот и бев тажна и слаба...
1. Продолжувањето понатаму не значи дека ќе заборавите...
Знам дека се чувствувате себично кога уживате во важните моменти и нешта во животот. Вашето матурирање. Дипломирање. Првото вработување. Затоа што тој не може да биде со вас, не сакате и вие да уживате во овие моменти.
Но, имате право да се промените. Да пораснете. Да истражувате.
Лесно е да чувствувате вина затоа што сте продолжиле со животот, но единствената насока и опција ви е да одите напред. Да, ќе стиснете пауза повремено. Но, не заборавајте, вие го заслужувате животот. И треба да го живеете.
2. Загубата може да биде вистинска инспирација.
Отворете си ја душата и видете што е она што го сакате и ве прави среќни. Дозволете скршеното срце да ве инспирира за да креирате убавина.
Вашата тага нека предизвика емпатија кон другите. Дозволете вашата загуба да ве скрши, така што ќе прочепкате длабоко во својата душа за да ги најдете сите делчиња за кои ќе ви бидат потребни години повторно да ги склопите.
Вашата загуба нека ве научи што значи љубовта.
3. Она што го чувствувате е во ред.
Колку порано го прифатите моментот, току побрзо ќе може да го продолжите патувањето кон лекување на вашата душа. Бидете трпеливи со себеси. Дајте си време. Престанете да се борите против болката.
Во ред е да се чувствувате осамено, безнадежно, празно. Сето ова е дел од процесот. Научете се да го цените секое утро во кое се будите со скршено срце и секоја ноќ кога заспивате плачејќи.
Ова ќе води до утра во кои ќе се чувствувате посилни и ноќи во кои ќе заспивате помирно. Колку и да ви изгледа невозможно, прегрнете ја болката и верувајте му на процесот.
4. Зачувајте ги луѓето кои ќе бидат покрај вас во овие моменти.
Покажете им дека ви значат. Тие се постојан потсетник дека покрај вас имате некој кој ве сака и кој ќе ви помогне да го пребродите најтешкото. Немојте да се изолирате во самотија. Немојте да ги бркате луѓето кои сакаат да бидат со вас.
Ми требаше долго време за да сфатам дека не треба да се казнувам себеси што продолжувам со животот и покрај тоа што тато веќе не е тука.
Би го дала секое делче од мојата душа за да ми се врати назад, но конечно научив како да ја прифатам загубата. Без да ми се случеше ова, немаше да знам дека имам пасија за танцување. Дека треба да ги ценам луѓето кои ме сакаат во животот.
Без да го загубам татко ми, немаше да знам како навистина изгледа и боли скршено срце. И како, и седум години подоцна, можам да се чувствувам вака во возов накај дома...
Извор / фото: depositphotos.com