„Ајде завршувај тоа факултетот, време ти е да раѓаш, жени се бе, стар си“ – облици на микроагресија во нашето општество

Имам 36-годишен другар кој нема сериозна девојка неколку години. Имаше долга врска која пропадна и оттогаш не најде некоја која му го задржа вниманието или му го освои срцето.

Oblici-na-mikroagresija-vo-nasheto-opstestvo-01.jpg

Другар ми е другар во вистинска смисла на зборот – секогаш тука кога ти е потребен, ненаметлив, скромен, воспитан, вреден дечко. Живее сам, работи напорно, сам си ги плаќа сметките.

Добар дел од платата ја одвојува за неговото семејство кое нема толку високи приходи, за да им помогне.

Во секое нормално општество тој ќе биде дефиниција за млад, успешен човек. Во македонското, тој е несреќник, губитник, осамен, чуден, пијаница. Да не му фали нешто? Да не е геј недај боже?!

Кога се среќаваме со други луѓе кои не го виделе одамна, првото прашање не им е–како си, дали си добро, што правиш во животот?

Не, првото прашање е – ти уште не се ожени бе? Како бе така? Што ти се згреши во животот? Ајде побргу, не пребирај многу многу, затоа што ќе останеш сам. Деца знаеш како се прават? Може да те фати една минута, а може и 10 години, затоа почнувај со време.

Се чудам на ваквиот пристап на луѓето. Овие облици на т.н. микроагресија се толку многу присутни и одомашени кај нас, што на нив се гледа како на нешто сосема најнормално, вообичаено, пожелно, дури и шеговито. Демек дај да те потсетам да се ожениш, да не заборавиш, хе-хе.

Микроагресијата е навлезена во секоја пора. Таа го демне младиот студент. Тој не знае каде му е главата, како да го скрпи семестарот со плаќање, со купување книги, со сите проблеми дома, со беспарицата и депресијата со која се соочува, ама не, луѓето коишто ги гледа 2 пати во годината, обично на свадба или погреб, му држат лекции дека треба да побрза со факултетот.

Срамота било, 23 години, јунак, тој уште студент. Дојди чичо да ти каже како треба. Чичкото патем одвај завршил средно, ама ќе ти соли памет дека треба да завршиш факултет поскоро ако сакаш да станеш човек.

Микроагресијата апсолутно не ги поштедува ниту жените. Аман доста работиш, најди си некој дечко, за сите се најде само за тебе нема, што си толку пребирлива, да не мислиш дека си најубава, мис на светот, кога мислиш да раѓаш, ајде раѓај ма, знаеш дека си веќе староротка, еден ден ќе плачеш, ќе станеш сама, ќе нема никој да ти подаде едно лепче и чаша вода, ќе те чуваат 11 мачки околу тебе од што си толку пребирлива и самобендисана!

Ваквите умови за сите имаат по некој коментар. Завршувај побрзо факултет. Најди работа. Жени се. Мажи се. Раѓај. Не се разведувај. Не патувај. Не троши многу. Не пиј. Не зборувај гласно, немој да се смееш прегласно, не се облекувај така – не те личи на годините, зошто не се прибираш до ниедно време, зошто живееш уште со твоите дома, зошто си се одвоил и живееш сам без твоите?!

И знаете што сфатив? После толку време, го сфатив следното: нема да ги смените. Нема да им угодите никогаш. Нема да се задоволни од ништо. Тие немаат капацитет да сфатат дека ве повредуваат.

Немаат доволно интелигенција да разберат дека ви рошкаат низ интимата која е ваша и САМО ваша работа.

И знаете што друго? Не е ваша работа да им се објаснувате и докажувате. Не е ваша работа да ги усреќувате и да ги задоволувате нивните очекувања и желби.

А најбитното – не треба да ги мразите. Треба да си мало, ништожно човече за да мразиш прости, ограничени умови кои сакаат да се мешаат во сечија туѓа манџа без да си го погледнат сопствениот двор.

А вие сте големи луѓе. Со достоинство. Па простете им на кутрите души со 1001 мислење. Бидејќи не знаат што зборуваат.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg