За жените кои се борат со рак – силни сте, божествени, од вас треба да се учи како да се сака животот
Живеете сосема обичен, нормален живот. Работа, дома, семејство, сопруг, деца, дом. Ручеци, чистење, средување, купување, стандардните проблеми од типот на задоцнета рата за кредитот, по некоја неплатена сметка.
Неможноста да се отиде на поскап одмор. Па нервози, зошто не можам да си ги купам тие чевли, таа кошула, тој капут, таа чанта? Не ми ја погодија фризурата, изгубив една од омилениот пар обетки. Зошто пријателката е толку здодевна?
И одеднаш ја добивате дијагнозата која ви го руши животот како кула од карти. На почетокот сте во неверување. Дали е возможно? Да не има некоја грешка? Одите на второ, трето мислење, а резултатите се потврдуваат.
Вие имате канцер. Здивот ви се одзема, погледот ви се заматува. Чувствувате дека немате воздух во градите.
Сè околу вас е како забавена снимка, а во главата животот ви тече како забрзана филмска лента, сите убави настани, сите насмеани лица, сета убавина со која не сте подготвени да се збогувате.
Вие сте толку млади. Животот е пред вас. Имате 20, 35, 42, 54 години... имате уште толку многу време. Дали е ова фер? Што му погрешивте на животот?
По првичниот шок се прибирате. Ги виткате резултатите на две, па на четири. Ги пуштате солзите некаде скришно, тивко, сосема сами. Добро да се исплачете. Бидејќи онаму каде што треба, пред сопругот, пред родителите, а најмногу пред децата треба да останете присебни и силни.
И токму тоа и го правите. Наоѓате некоја неверојатна сила длабоко во себе која ве храни, ве придвижува понатаму. Ги тешите другите дека сè ќе биде во ред. Наместо да е обратно. Тие се загрижени, на нивните лица се чита страв, а вие ги успокојувате да не се грижат, дека сè поминува, вие ќе го надминете тоа.
Додека се обидувате да ја одржите насмевката на лицето, срцето ви се стега како лешник. Сепак, не дозволувате некој да го види тоа. Солзите се за пред спиење. За моментите кога си сама. Да си ја исплачеш тагата и стравовите за да ти олесни барем малку.
За пред другите сè ќе биде во ред. Животот продолжува понатаму. Сите набројани работи на почетокот, плус периката која веќе сте ја нарачале или купиле, бидејќи ги знаете последиците од исцрпувачката хемотерапија.
Сите стандардни работи со коишто се соочувавте досега во животот, плус зрачењето, лековите, мачнините, тресењето на рацете, изнемоштеноста, губењето на енергијата и физичката сила.
Но, она коешто не го губите е менталната сила. Таа цврстина на духот кој не се разнишува. Кој не се крши туку-така. Секој ден е нова борба, но вие не се предавате. И секоја нова борба ја започнувате со насмевка и верба. Со срце полно надеж дека навистина, на крајот, сè ќе се заврши добро.
И конечно, не ви е гајле за нередот во домот. За недостижниот, скап одмор. За тие глупави чевли во црвена боја. За некаква си фризура, скапа чанта, за таа изгубена обетка.
Конечно ви е гајле само за себе. За своите. За насмевките. За прегратките и смеата. За сето квалитетно време поминато заедно со саканите. Секој ден е бесценет.
Колку обични работи наеднаш добиваат нова димензија, нова боја и изгледаат прекрасно. Колку никој не сака да го напушти светот предвреме и покрај неговата суровост понекогаш. Колку е убаво да си жив.
Колку само здравјето е скапоцен дар... колкумина си го земаат здраво за готово... ви посакувам поскоро оздравување и само здравје на сите. И никогаш да не ја симнете насмевката од лицето.
Бидејќи сте прeкрасни. И човек од вас може само да учи како вистински треба да се сака животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело