Се раѓаш и паѓаш, животот е постојана борба, но таму некаде има и многу сончеви денови
Се раѓаш. Го најавуваш своето доаѓање на светот со крв и солзи. Се раѓаш – и паѓаш. Паѓаш додека не се научиш да одиш. Иако си многу малечок, ја чувствуваш неправдата насекаде околу тебе.
Макар и во градинка, додека поголемите од тебе ти ја грабаат играчката од рака.
Макар и на улица, додека постарите деца ти маваат заушки додека ти даваат наредби што треба да правиш. Макар и во училиште додека те исмеваат за патиките коишто ги носиш.
Чувствуваш како родителите ти се во грч додека ги анализираат сметките и месечните трошоци. Иако си малку поголем, а сепак сè уште мал за да зачекориш во светот на возрасните, веќе ти е јасно дека светот е суров и неправеден, дека животот не е мед и млеко.
Дека ништо не тече онака како што си планирал. Дека најголем дел од твоите желби и соништа веројатно нема никогаш да ти се остварат.
Паѓаш. Онака како што паѓаше додека беше помал, додека учеше да одиш. Но стануваш. Бидејќи сфаќаш – не постои никој друг кој ќе те крене од земјата освен ти самиот. Оние ретките, коишто ќе ти ја подадат раката се твоите вистински пријатели. И родителите.
Тие никогаш нема да ти го свртат грбот. Сфаќаш дека нивната љубов е чиста, безусловна и незаменлива. Животот те тера да созрееш преку ноќ. Тогаш кога неправдите удираат најсилно, најдлабоко. Кога животот ги зема некој што го сакаш најмногу.
И по којзнае кој пат се прашуваш дали има правдина? Нема. Така е скроен животот. Секој ден е борба. Речиси никој од нас не е целосно среќен. Сите на некој начин, помалку или повеќе, страдаме.
Некој го покажува тоа отворено, а некој го крие премногу вешто. Не знаеш во која група припаѓаш. Чувствуваш дека ти е смачено од сето ова. Аман, ќе заврши ли некогаш животот?
Ќе завршат ли маките со факултетот, со наоѓањето работа, со купувањето и отплаќањето покрив над главата? Со сметките и анализите на месечните трошоци, со бракот и партнерот, со децата, со… сè околу тебе.
Ќе завршат. Сè лошо завршува и ќе му дојде крајот. Ќе дојдат денови исполнети со сонце. Ретки се, но прекрасни. Тие ќе те натераат да замижиш и да дозволиш сета неправда и суровост да испливаат од тебе, како некои лоши спомени.
Ќе ги цениш безгрижните, сончеви, радосни денови. Ќе си ги сакаш најдобрите пријатели. Ќе ја видиш сета убавина на животот. Ќе сфатиш дека родителите ти го мислат само најдоброто и дека се единствените кои би го дале животот за тебе.
Ќе ја разбереш радоста кога усреќуваш некој друг. Ќе почувствуваш љубов. Ќе разбереш дека не си ти единствениот кој има проблеми на овој свет. Дека сите сме исти, сите сме луѓе. Сите паѓаме и стануваме. Секој ден.
А најважно, ќе сфатиш дека животот е постојана борба. Скроен е за оние кои и покрај сè, умеат да станат, да го истресат правот од себе и храбро да продолжат понатаму. Бидејќи таму некаде, има уште толку многу прекрасни, сончеви денови со сета своја убавина, само за тебе…
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело