Кога ќе те кренат за испрашување и ќе ѕвони – најубавите моменти од средношколските денови
Велат дека средношколските денови се оние најбезгрижните. Оние кои се памeтат засекогаш. Оние кои се раскажуваат со години.
Оние на кои на секоја средба од годишнина од матура со задоволство се потсетувате и ги прераскажувате.
Се обидовме да се сетиме на нашите најубави моменти од средношколските денови, поточно, оние моменти кои најмногу нѐ радуваа во тоа време.
1. „Висењето“ во ходниците меѓу секој час. И во хол после голем одмор.
2. Кога немаше пауза меѓу часовите и не смеевме да излегуваме во ходник, ама професорките се размуабетиле, па кога ќе видевме дека доаѓаат трчавме брзо да не нѐ видат и седнувавме мирни во клупи.
3. Моментот кога некој ќе се развикаше „Губимееее“ на цел глас во училница.
4. Она кога 3 пати во четири години успеавме да избегаме цел клас од час без да се вратат „бубалиците“.
5. Кога губевме блок часови и наместо после 7-ми час си одевме после 5-ти. Особено кога бевме втора смена.
6. Кога ќе ѕвонеше после 5-ти час во петок и со залет сите трчавме „како муви без глави“ да излеземе од училиште.
7. Кога ќе „поплачевме“ и успешно ќе ни презакажеа тест или писмена истиот час кога сме требале да го правиме.
8. Кога ќе те кренеше за испрашување професорката и само што ќе стигнеш до табла да одговараш - ќе ѕвони.
9. Кога одевме на екскурзија, особено оние тридневните.
10. Кога ќе те ставеа дежурен на врата и губиш часови цел ден. Плус ги викаш сите другари што не учат кај тебе да ти прават друштво.
11. Кога одевме на хор за да губиме час и плус имавме петка по музичко без испрашување.
12. Насмевките на нашите лица на 10-ти јуни - бесценети. Ех, колку радост носеше во животот овој датум!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. П. | Црнобело